
Европското првенство експресно заврши за Македонија. Елиминирани сме веднаш на почетокот по првата фаза по групи. Со само една победа против Холандија и тешки порази од останатите ривали, Грција, Хрватска, Грузија и Словенија. Сите со двоцифрена разлика. Деновите на Евробаскетот што ги очекувавме со нетрпение, со верба во успех и пред сѐ во беспоштедна битка со европскиот кошаркарски крем, се претворија во катастрофа. Наместо добри партии кошарка, добивме куса трка во паралел- слалом. Комбиниран со лоши игри на паркетот и со многу негативна енергија, кавги и наелектризирана атмосфера надвор од него.
Додека кошаркарите и буквално се мачеа во Загрепската арена, Петар Наумоски и Перо Антиќ се караа преку медиумите и социјалните мрежи. Двајца кошаркари од најдобрите десетмина во историјата на македонскиот баскет, заедно со Владо Илиевски, Благоја Буштур Георгиевски, Тодор Гечевски, Врбица Стефанов….
Од претседателот на МКФ, Наумоски, наместо мудрост каква што покажуваше на европските терени како кошаркар, добивме лош функционер. Човек што е виновен за килавите односи во репрезентацијата. Се направи пуч во федерацијата, со невидена леснотија беше сменет успешниот селектор Александар Џикиќ и се премолче тивкото заминување на Заре Марковски.
Еден податок доволно говори колку бевме мизерно организирани во Загреб на ЕП. Кошаркарска икона, каква што за нас е Владо Илиевски, немаше резервни патики, па мораше да го соблече Соколов и да игра со неговиот чифт обувки. Така не се оди ниту во маало на баскет, не па на Евробаскет. Како што наместо 12 деца на ЕП за младинци во Б дивизија на пат заминаа само десет. Со шокантно објаснување на претседателот на МКФ дека немаме пари за да го пополниме бројот до дузина наши дечиња, таленти. На возраст кога разочарувањата од вакво шокантно и ноншаланто изоставување оставаат веројатно и траен белег. И Итар Пејо во магла брои подобро до 12. А некој и пред ЕП и по него ни продава ветер и магла. Во спорт во кој не сме безначајна буква на европската мапа. Со 5 учества вкупно и со четири последователни настапи на континенталните собири. За само еден месец сами си го оцрнивме тоа што ни го белеше образот во последните години. Литванската бајка ја претворивме во хоророт од Хрватска.
Кошарка игравме мизерно, но затоа за кавга сме шампиони. Пеце победнички го најде виновникот, а Перо шампионски му возврати. Не се расправаа за кошарка, туку за пари и за плацеви. Кој, колку има и зошто не ги дава. Во кошарката, се разбира. Сеирот е наш, а потсмевот стана европски. Ни се смееше континентот, истиот овој наш европски што ни се восхитуваше пред четири години на прекрасната бајка во Литванија. Една од најубавите во историјата на Европските првенства. Тогаш го освоивме четвртото место, со срце, со квалитет, со знаење, со игра, со машки однос. Сега сме први во срамот. Ни се чудат на умот. Како една таква легенда каква што е Петар Наумоски може да падне толку ниско и да не ферма ништо и никого. И како нашата прва НБА ѕвезда Антиќ не најде време да игра за репрезентацијата, а има доволно минутажа за кавга со Наумоски. Народот ги очекуваше во светло издание. Пеце со своето богато интернационално искуство да донесе свежина во раководењето со националниот тим, чиј лидер на паркетот требаше да биде Антиќ. Барем за да се прости од националниот дрес како голем мајстор на играта во стилот на Владо Илиевски. Вака добивме мизерно меѓусебно карање и загубивме двајца врвни мајстори на кошарката. Оставката е неминовен чин за Наумоски, по бродоломот во Загреб. А, Антиќ веројатно ќе нема шанса таму каде што се промовира во голем ас, еден од најдобрите во Европа, на континентален шампионат да се прости од дресот со македонски обележја. Македонците имаа големи очекувања, а добија едно големо НИШТО.
Марјан Србиновски во целиот калабалак има само споредна улога. Статист, што само случајно се најде во лошата македонска приказна во Хрватска. Таму каде што требаше да биде Александар Џикиќ. Човекот што машки го прифати предизвикот да направи репрезентација речиси од нула, безболно да го крчи патот кон смена на генерациите и да нѐ одведе на Евробаскетот. Зацртана цел што еден од првите кошаркарски стручњаци од Европа, кои работеле во НБА, беспрекорно ја доведе на вистинскиот колосек. И потоа беше сменет, веројатно како награда за успехот. Барал пари однапред. Па, ако немаме пари да испратиме две наши деца на ЕП за младинци, тогаш зошто странец би ни верувал дека ќе го почитуваме договорот. Настрана што Џикиќ не само што апсолутно си ги заслужи парите и вербата во него дека ќе продолжи чесно, туку си заслужи и награда. Бонус за подвигот и пласманот на ЕП. Тој е најзаслужен, заедно со кошаркарите. Пеце и Перо, заедно со Марјан Србиновски не беа таму, не се квалификуваа на Евробаскетот. Тие дојдоа подоцна. Со своето големо его, подготвени за кавга и апсолутно неподготвени да дадат каков било придонес за посветло издание на Македонија на ЕП. Враќање назад нема, Евробаскетот за Македонија заврши, но за доброто на кошарката треба да застанеме малку. Да зачистиме во федерацијата, со промени, со нови луѓе и да бидеме мудри и да го вратиме Џикиќ на кормилото. Со барање за прошка, за да го продолжи одлично започнатиот процес на ремонт на македонската репрезентација.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


