Некогаш популарните зимници стануваат сѐ помалку популарни. Граѓаните соочени со дилемата дали да инвестираат повеќе пари во зимница одеднаш, или да купуваат од маркет, тегла по тегла во текот на зимата, сѐ почесто се решаваат за втората варијанта. Септемврискиот семеен буџет, соочен со неговото сериозно празнење за подготовките за училиште и за обезбедување греење за во зима, речиси нема сила да ги издржи и финансиските трошоци за омилените ајвар, лутеница, слатко. Можеби на прв поглед цените на овошјето и на зеленчукот не изгледаат како голем секојдневен трошок, но ако треба да се подготват поголеми количини одеднаш, трошокот станува проблем. Токму затоа некои од семејствата поради актуелните цени на зеленчукот и на овошјето, но и поради недостигот од време, годинава ќе се откажат од правење зимница. Семејствата, пак, кои, сепак, ќе решат да ги наполнат оставите со тегли, ќе мора од домашниот буџет да издвојат поголема сума пари бидејќи цените на зеленчукот и на овошјето, за овој период од годината, и натаму се високи. Пресметките покажуваат дека за да се направи зимница за просечно четиричлено домаќинство, што подразбира туршија, ајвар, лутеница, цвекло, мешана салата, кисели краставички, џем, по сегашните цени, ќе биде потребно да се потроши од 100 до 150 евра. Поевтино може да се помине доколку зеленчукот и овошјето се набават на пазарите на големо, каде што овие производи се продаваат по цени за 20 до 30 отсто пониски од тие на зелените пазари и во маркетите. Е сега секој може да си направи математика и да реши дали ќе прави зимница или не.

Причината за повисоките цени на овошјето и на зеленчукот годинава се поплавата и високата температура, кои го зедоа својот данок преку редукција на земјоделското производство, што автоматски ја крева побарувачката и нивната цена. Земјоделците што одгледале пиперка ајварка во пластеник со задоволителен квалитет, на пазарот ја нудат по 30 денари од килограм на големо, додека, пак, на мало цената достигнува и до 50 денари, за разлика од минатата година, кога еден килограм ајварка можеше да се најде и за 25 до 30 денари. Дека има недостиг од квалитетни пиперки од сортата куртовска капија потврдуваат и производителите, но и пазарџиите.
– Оваа година е тешка. Пиперките се скапи, пролетта имаше поплави, а летото помина без дожд и нема многу род. Затоа пиперките се скапи. Лани, на пример, обичните пиперки беа по 10 денари, а сега се 20, па и 25 денари – вели една одгледувачка и продавачка на земјоделски производи.
– Цените се за пет до десет денари повисоки, но ние традиционално правиме, така што и оваа година нема да изостане – вели една граѓанка.
Граѓаните велат дека земјоделските производи се скапи и од година во година ги намалуваат количините на домашно подготвена зимница. Освен што нема пари за да се подготви зимница, дел од граѓаните немаат ни услови за подготовка на ајвар, домашен кечап, малиџано или лутеница. Некои од нив прават мали количини на шпорет на струја, што бара исто време на подготовка како и поголема количина, што, пак, значи ист трошок, а се добива помалку.
– Ете малку ќе правиме на електричен шпорет, колку за иштав, ама во основа не се исплати да се прави зимница. Подобро готова зимница да си купиш отколку дома да правиш, иако купечкото не е како домашното – вели една скопјанка.
Додека повозрасните, од објективни причини, во намален обем од претходната година или од годините пред тоа, размислуваат и планираат да наполнат тегли со ајвар и со други македонски специјалитети, поголем број од младите велат дека или немаат време, немаат услови или, пак, полесно им е да купат во маркетите. За нив традицијата може да „почека“ некои други времиња.

Стручњаците се едногласни дека климатските промени го направија своето.
– Временските непогоди секако дека влијаеја врз земјоделското производство, кое е помало, што значи дека на пазарот има и помала понуда на земјоделски производи. Помалата понуда значи пораст на цените – вели деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски.
Производителите, пак, велат дека преработувачите се заштитени од повисоките цени на зеленчукот и на овошјето, но не и граѓаните.
– И поплавите и сушата придонесоа за раздвижување на цените на земјоделските производи. Цените на куртовската капија, корнишоните и на другите производи, договорени во Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство со производствените капацитети се почитуваат, но граѓаните ја плаќаат сметката на климатските промени и тука ништо не се може. Количините се намалени, поради што цените се повисоки за 15 отсто во однос на лани. Неизвесно е и дали ќе можеме сите потреби да ги задоволиме со домашното производство, или ќе треба да се увезуваат земјоделски производи неопходни за конзервната индустрија и за потребите на граѓаните – вели Никола Стаменов, претседателот на Федерацијата на фармери.
Ваквата состојба со неповолните временски услови и високите цени на пазарот на храна покажува дека климатските промени влијаат врз земјоделството и затоа треба да се направи соодветна стратегија за соочување со предизвиците што нѐ очекуваат од новонастанатите временски услови и кои ќе влијаат врз земјоделските култури, сметаат од ФФРМ.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 157. број на неделникот „Република“, 4.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


