Сметам дека Македонија не е директно загрозена од бегалците. Поголем се повратниците од боиштата во Сирија и во Ирак. Ова е клучно прашање на кое треба да му се обрне внимание, предупредува универзитетскиот професор Ненад Танески. Професорот, доктор по науки за безбедност, вели дека Македонија треба будно да ги следи активностите на државите-членки на Европската унија што сѐ преземаат во насока на намалување на негативните ефекти од бегалската криза, но и смета дека треба итно да се подготват прописи што ќе го регулираат движењето на емигрантите низ нашата територија, нивната здравствена состојба, заштита на луѓето што се во контакт со бегалците…
Последниве месеци бегалската криза е во центарот на безбедносните теми. Свесни сме сите дека овие кризи се сериозен проблем за секоја држава, а посебно за сиромашните. Колку мислите дека, реално, ќе ја погоди Македонија?
Танески: Не мислам дека Македонија е сериозно погодена од оваа бегалска криза во безбедносна смисла. Точно е дека државата има финансиски непланирани трошоци поради кои ќе трпат некои тековни планирани работи, потоа веројатно треба сериозен пристап за превенирање евентуални болести, ангажирање човечки и материјални ресурси за потребите на бегалците, но тоа се други теми, кои не ја засегаат директно националната безбедност. Но, сепак, треба да се нагласи дека при вакви бегалски кризи секогаш постои висок ризик од загрозување на безбедноста на луѓето и на нивните имоти во државата-домаќин на бегалците. Во нашиот случај бегалците од воените зони, како и емигрантите што патуваат по истата маршрута, нашава држава ја поминуваат без намера да се задржат и поради тоа сметам дека Македонија не е директно загрозена од бегалците. Поголем проблем се повратниците од боиштата во Сирија и во Ирак отколку бегалците. Повратниците, пак, од друга страна, веќе воспоставиле блиски односи со џихадисти од Блискиот Исток. Ова е прашање на кое треба да му се обрне внимание. Постојат реални шанси „воени пријатели“ да влезат во државава заедно со бегалците и да останат во Македонија. Но, повторно нивниот интерес не е дејствување и џихад во Македонија, туку низ Европа. Балканот е само попатна станица и подготовка за натамошно дејствување.
Тогаш кој е клучниот безбедносен проблем за Македонија?
Танески: Бројката на бегалци и на емирганти што побарале азил во Македонија, за среќа, засега не е голема, па МВР, веројатно, нема да има проблем да ги провери. Но не очекувам да бидат проблем пријавените, туку непријавените, кои илегално ќе престојуваат во државава, а покрај врските во Македонија, ги имаат и качанските врски од Косово, што ќе им овозможи лесно да се засолнуваат по потреба или на територија на Македонија или на Косово. Значи, според мене, ова ќе биде клучното безбедносно прашање за Македонија во наредниот период, повратниците, нивните соборци и нивните активности.
Според некои анализи што се појавија деновиве, проблематична е огромната бројка мажи-бегалци наспроти жени-бегалци. Дали мислите дека има основа за тврдењата дека се работи за џихадисти?
Танески: Бројките се тие. Мажи има четири до петпати повеќе од жени-бегалци, но соодносот не е предмет за безбедносна анализа. Во моментов низ целиот Блиски Исток и африканските земји зафатени со конфликти има околу 15 милиони внатрешно и надворешнораселени лица и сигурно уште најмалку толку што зависат од хуманитарна помош. Голем број од раселените живеат по привремени центри и во бегалски кампови. Веќе четврта година немаат каде да се вратат, а и губат полека надеж дека во иднина ќе имаат. На патот кон подобар живот и иднина (така било отсекогаш) прво одат мажите, кои треба да создадат услови за да ја повлечат фамилијата. Така што, не е ни чудно што во овој бран бегалци мажите, и тоа работоспособните, се повеќе од жените. Но, постојат и жени-џихадисти, терористи-самоубијци, така што ваквата анализа нема основа. Факт е дека при улични демонстрации и протести или при давање отпор кон силите за чување јавен ред и мир мажите потешко ќе бидат совладани од жените, но ова прашање во никој случај не ја засега безбедноста на Македонија, повеќе е проблем за крајната дестинација на емигрантите, каде што имаат желба да се сместат. Засега како најпосакувани крајни дестинации се Германија, Британија, Франција и Шведска.
Во некои странски, а и домашни медиуми како директни виновници за бегалската криза се посочува саудискиот принц, кој, наводно, ги финансира бегалците на пат кон Европа, а во други САД, кои преку свои невладини организации ги мотивираат бегалците од војните да тргнат кон Европа. Колку има вистина во овие тврдења?
Танески: Ова се сериозни обвинувања, кои не можат да се докажат и се само шпекулации. Но можеме да видиме дали постојат и ако постојат кои се аргументите што би биле во полза на овие тврдења. Саудиска Арабија се плаши од ИСИС идентично колку и другите држави. Потврда е изградбата на 950-километарскиот ѕид на нејзината граница со Ирак. Ѕидовите отсекогаш, па и денес, во модерно време, имаат иста цел, да се задржи редот внатре, а хаосот надвор. Саудиска Арабија не ги контролира ИСИС, напротив досега претрпи неколку упади од ИСИС, кои завршија со по неколку жртви. Оттука, тврдењето дека Саудиска Арабија финансира борци на ИСИС на пат кон Европа не е многу издржано. Но, од друга страна, Саудиска Арабија се јавува како главен финансиер на сунизмот низ Европа. Гради џамии, дава стипендии, обучува свети луѓе итн., со други зборови, постои можност финансиски да помага сунити (вахабисти) во своите намери да заминат кон Европа. Значи веројатноста да спонзорира припадници на ИСИС на пат кон Европа, според мене, е мала, но можно е да помага на извесен број бегалци на патот кон Европа.
Што се однесува до тврдењата дека САД се подбуцнувачите на кризата, повторно има аргументи „против“, но има и аргументи „за“. Во последнава година САД сериозно се занимаваат со подемот на Кина и на Русија и тоа е за нив клучна тема во меѓународните односи на која се фокусирани. За да не се случи по пет или десет години да зборуваме за „lonely America“, односно да не станат осамената држава, тие мораат да ја задржат Унијата како сериозен партнер. Доколку Германија или Франција заклучат дека зад оваа криза стојат САД, тогаш САД би останале без својот единствен сериозен партнер, ЕУ, што и геополитички и геостратегиски би претставувало самоубиство за САД.
Но, ајде да ги видиме аргументи што одат в прилог на ваквото тврдење. Откако САД сфатија дека треба посериозно да се позанимаваат со позицијата на Русија, Европа се најде пред сериозен предизвик – да одбере страна. Кокетната Европа во неколку наврати успеваше да не ги налути САД, а сепак да остане на линија на комуникација со Москва, позиција што повеќе му одговара на Путин, а помалку на Обама. Историјата двапати покажа дека за Европа целосно да се сврти кон САД, треба да е под закана и слаба. Со бегалскава криза, Европа полека се соочува со сериозна закана и од економски и од безбедносен, па и од политички аспект. Финансиските трошоци за бегалците се огромни, а ќе бидат сѐ поголеми. Демонстрации од страна на бегалците и емигрантите веќе има низ повеќе држави во Европа и не ретко завршуваат со нарушување на јавниот ред и мир. Во последно време полека се будат и националистите, чиишто протести ескалираат во судири со полицијата, а не е ни чудо што во некои анализи се зборува и за подем на неофашизмот низ Европа. Повеќето европски лидери имаат различни ставови како да излезат на крај со кризата, а тоа дополнително ги разнишува и така веќе разнишаните темели на Унијата. И доаѓаме до точката на кој начин САД ќе ја спасуваат слабата и немоќна Европа, а за возврат Европа повторно, нови четириесет години, ќе им искажува благодарност на САД, а ќе се конфронтира со Русија. Ова мислење би немало никаква основа ако во најскора иднина не видиме акција од САД против ИСИС или дури и против Башар ел Асад.
САД имаа намера уште во 2012 година да извршат удар врз режимот на Асад, но Русија и Кина ги спречија. Како би го извеле сега тоа?
Танески: Во 2012 година САД сакаа врз основа на правилото „Одговорност да се заштити“ да го нападнат режимот на Асад со цел да се заштитат цивилното население и демократските сили во Сирија. Но единствен сојузник што ѝ остана на Русија во Медитеранот е Сирија, па заедно со Кина решително застанаа во одбрана на Асад. Само еден месец подоцна почна конфликтот во Украина, а мерките против Русија воведени поради тој конфликт, сепак, ја забавија руската економија и имаат какво-такво негативно влијание. Сега, откако на Русија ѝ отворија еден фронт (украинскиот) веројатноста да се конфронтира на уште еден (сирискиот) ќе биде помала. Со оглед на значењето што Сирија го има за Русија, можеме да очекуваме дека Русија нема тукутака да дозволи уривање на Асад, но ако се потсетиме на Косово 1999 година и на бегалската криза, која беше протолкувана како хуманитарна катастрофа и загрозување на светскиот мир и безбедност со 350 илјади бегалци, не гледам тогаш зошто сега, со речиси половина милион бегалци во Европа, целава оваа бегалска криза да не се протолкува како хуманитарна катастрофа и загрозување на светскиот мир и безбедност. Единствената разлика е во тоа што тогаш негативецот беше Милошевиќ, а сега е Асад.
Да претпоставиме дека сте во право. Дали мислите дека Европа ќе преземе посериозни мерки за сопствена заштита?
Танески: Јасно е дека никој во догледно време не очекува стабилизирање на состојбите со бегалците. Некои луѓе сметаат дека емиграцијата во оваа година зема замав од библиски размери, но анализите укажуваат дека уште сме далеку од крајот. Поради тие најави, со време, државите-членки на ЕУ решија сами да наоѓаат механизми за соочување со овој проблем. Унгарија го довршува ѕидот, Чешка бара војската да ја чува границата од бегалците, Бугарија распоредува војска по границите, Полска и Словачка најавија дека ќе ги отворат вратите само за христијанските бегалци, а деновиве таква најава дадоа и Чесите итн. Официјалната политика на државите од некогашната Источна Европа или „новите“ држави-членки на Унијата имаат многу потврда политика и предлагаат потврди мерки за соочување со бегалската криза наспроти државите од старата Европа. Но, мое мислење е дека мирољубивата и солидарна Европа нема да воведе радикални мерки за соочување со кризата. Сепак, и овој пат веројатноста е поголема дека кризата ќе се разрешува со воведување нови прописи. Британија веќе почна (иако беше веднаш и критикувана). Деновиве треба да стапи во сила нов закон со кој работата на црно не само што значи протерување на илегалецот (депортација), туку е надополнета со шестмесечна казна затвор и конфискација на целиот имот и заштеда. Паричните затворските казни за работодавците на илегалните доселеници, како и за помагачите (превозници, вдомувачи итн) се, исто така, значително зголемени. И во Германија и во Франција постојат најави за заострување на нормите што се однесуваат на азилантите и на емигрантите. Примерот веројатно набргу ќе го следат и другите. Значи, преку заострување на казните и воведување нови правила Европа ќе се обиде да се соочи со кризата.
Дали и Македонија треба да преземе конкретни чекори во овие насоки?
Танески: Секако дека Македонија треба будно да ги следи активностите на државите-членки на Европската унија што се преземаат во насока на намалување на негативните ефекти од бегалската криза. Меѓутоа, покрај заострување на политиката за азиланти и илегални доселеници, која, веројатно, со време ќе ја преземаме и ќе ја усогласуваме со земјите-членки на Унијата, можеби е попотребно уште веднаш да се направат анализи за тоа кои прописи, односно правни норми ќе можат на најсоодветен начин да ја регулираат материјата што во многу сегменти има посредни допирни точки со специфичната тежина на бегалската криза кај нас. Тука, пред сѐ, мислам дека правилата на заострување на азилантската или на бегалската политика не се толку неопходни колку што е неопходно да се регулира движењето на емигрантите низ нашата територија, здравствените прегледи и нивната здравствена состојба, собирање на отпадоците и нивно уништување, заштита на луѓето што се во контакт со бегалците, дезинфекција на возилата или, со други зборови, во сите наброени сегменти не смее да има пропусти. Веројатно се сеќавате на хистеријата од ебола и што се преземаше тогаш на аеродромите. Сега, за среќа, нема најави за посериозни болести што доаѓаат од територијата на Африка или од Блискиот Исток, но на ова прашање треба да му се пристапи сериозно.
Разговараше: Ненад Мирчевски
(Интервјуто е објавено во 157. број на неделникот Република, 4.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст