| четврток, 6 декември 2018 |

Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид ќе се сели во нови простории

Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, во рамки на работната посета на Охрид заедно со ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ го посети објектот во поранешната касарна, чија реконструкција е во тек, а каде е планирано да биде префрлена високообразовната установа.

– Целиот овој простор доделен на Министерството е предвидено да биде доделен на Универзитетот „Свети Апостол Павле“, во рамки на проектот за изградба на универзитетскиот кампус. Досега Министерството има инвестирано во овој објект повеќе од 40 милиони денари, а тоа е само завршување на првата фаза, истакна Ристовски.

Тој појасни дека градежните активности продолжуваат со доуредување на објектот, со инсталирање на системите за греење и со опремување на внатрешноста, со уверување дека првиот објект на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ ќе биде целосно ставен во функција некаде напролет идната година.

Ректорот Нинослав Марина истакна дека се работи за нов концепт во образовниот систем во Македонија, преку создавање универзитетски кампус според примерите на современите образовни центри во светот, каде покрај одвивањето на наставата ќе бидат сместени и студентите.

–  Новиот кампус ќе донесе и нови содржини, дополнителни активности. Малку ќе ги оддалелечиме студентите од градската врева, со што ќе им помогнеме да се сконцентираат повеќе на примарните активности, пред сѐ на учењето – истакна Марина.

Поширокиот проект за универзитетскиот кампус во Охрид предвидува повеќе објекти и содржини. Првенствено, се работи за објект од четири илјади квадратни метри, а во наредниот период и  во план е уредување на уште еден таков објект од поранешната касарна, кои ќе бидат поврзани со аула, односно објект во кој ќе биде сместен Ректоратот на Универзитетот.

Во подоцнежната фаза од проектот за универзитетскиот кампус е предвидена и адаптација на другите објекти од поранешнот армиски гарнизон „Генерал Михајло Апостолски“, како и изградба на објекти за спортски активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top