Дел од нас сметаат дека, со оглед на реалната политика и на историските околности на домашен, регионален и на меѓународен план, самото постоење македонска држава е огромен успех. Дел сметаат дека е пропуштена шанса уште пред 20 години да се биде регионален лидер во секој поглед. Дел се песимисти дека вака градена држава воопшто може да опстане пред налетот на реални предизвици што стојат пред нас, а некои, пак, директно работат на исполнување на вакви црни сценарија. Обичниот Македонец, сепак, не се води од нив, туку од своите ставови и надеж и е уверен дека сите опасности што ќе нѐ снајдат ќе бидат надминати така како што правеле илинденците, партизаните и сите други што со својата храброст, пожртвуваност, ум, итрина, стратегија и визија се вградиле во македонската државност. А обичниот Македонец, воден од своите инстинкти, рационалност, искуство од најтешки премрежиња и предводен од разумни лидери никогаш не може да греши.

Битката за независност никогаш нема да запре
Создавањето независна држава како сон на генерации Македонци не значеше лесно влегување во светското семејство на народите како што се случи со многу други држави, кои своите соништа ги остварија со поддршка од меѓународни спонзори. За Македонија независноста значеше почеток на еден трнлив пат, кој сѐ уште не е завршен и кој допрва треба да донесе гаранции дека барем за десетина наредни генерации е обезбедено место на светската мапа на стабилни држави, кои се во благосостојба. Различни се причините за тоа зошто Македонија и покрај напредокот што, објективно, го постигна не дојде на ниво на средно богатите европски земји. Делумно за тоа може да се обвини македонската политичка елита, особено таа што ги удираше темелите на независна Македонија, делумно соседите, делумно геостратегиската позиција на земјата. Бездруго, грешка е ако во овој контекст се игнорираат и интересите на големите сили, кои најдобро ги илустрира изјавата на американскиот државен секретар Џон Кери, кој Македонија ја посочи како земја на „линија на огнот меѓу САД и Русија“.

Синдромот Белград – Брисел
Независноста од Југославија, за жал, не значеше дека Македонија целосно ги отстрани линковите кон Белград и ја надмина потребата да биде зависна од некого. За жал, речиси десетина години траеше апстиненцијалната криза што владата во Скопје ја преживуваше откако станавме независна држава. И тоа токму во времето кога се поставуваа темелите на институциите и на принципите на кои сега почиваат законите, обичајните правила и менталитетот. И место по падот на Милошевиќ и косовската криза, конечно, да се оттргнеме од белградската прегратка и да градиме своја автентична политика и државна стратегија, веднаш влеговме во нова прегратка. Место кон Белград, очите ги вперивме кон Брисел. Место идејата за Европската унија да ја вградиме во нашата национална стратегија, почнавме процес во кој нашите ставови и решенија беа испраќани на проверка во Белгија, како центар на ЕУ. Скептиците ќе речат дека во време на глобализам ниту најбогатата европска држава Германија не е во можност да каже дека е целосно независна од САД, па затоа ниту Македонија не треба да се залажува дека може да биде вистински независна. И, навистина, реалноста е сурова, во ситуација кога од околу 2.500 етнички групи на светов има само околу 200 држави, голем е ризикот да се каже „не“ на САД, Русија, Кина, Германија или на Британија. Последните настани во Куманово и одолевањето на сите притисоци да се смени името, сепак, покажаа дека кога е во прашање националниот интерес, кога правдата е на наша страна, кога се има здрава агенда и план, зачувувањето на сувереноста е можно дури и ако моќни центри се противат на вашите одлуки.

Четири фази на македонската државност
Македонија во овие 24 години помина низ четири хронолошки фази. Првата е од референдумот, повлекувањето на ЈНА и формирањето на првата влада на чело со академик Никола Кљусев, сѐ до поразот на СДСМ на изборите во 1998 година. За овој период во кој владееја првиот претседател Киро Глигоров и премиерот Бранко Црвенковски е многу пишувано. Сите знаеме за шверцот со нафта, за срамниот начин на кој бевме примени во ООН, за катастрофалната приватизација во која работата ја загубија стотици илјади луѓе. Тоа за што досега малку се пишувало е недостигот од знаење и визија да се преброди кризата и во исто време да се создадат услови за напредок. Водењето политика по принципот „купи ден продај“ ни теоретски не можеше да создаде услови за подбра иднина, која ние денес ја живееме. Тогашната политичка номенклатура го искористи моментот кога најголем дел од граѓаните го заменија маршалот Тито со мудриот Глигоров и во ситуација кога никој не знаеше како, навистина, функционира реална пазарна економија, го прифати хаосот на социјалдемократите на Црвенковски и на либералите на Андов и некритички ги голтаа огромните грешки во економијата и во градењето на меѓуетничките односи. Многумина сега се уверени дека да се дозволеше работата на Тетовскиот универзитет и тогашното раководство да имаше визија за проблемот со Албанците, во 2001 година ќе немавме воен конфликт. Уште повеќе се уверени дека тие што владееја од 1991 година до 1998 година да знаеја барем „е“ од економија и во исто време да имаа чесни намери, во 21 век ќе влезевме со добар потенцијал, а не со илјадници банкротирани фирми и загубени пазари во поранешна Југославија и во Источна Европа. Долгогодишното одржување на државните монополи, кои полека, но сигурно пропаѓаа, не само што ја трошеа државната каса, туку и го продлабочуваа социјалистичкиот менталитет според кој најдобро вработување е во државниот сектор.
Владата на Љубчо Георгиевски
По изборите во 2008 година и формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДА се случија низа промени во пристапот кон решавање на проблемите. Беа продадени големи компании на странски инвеститори како телекомот, „Окта“, скопската цементарница и други капацитети. Беше направен обид да се смени начинот на размислување со воведување низа десничарски филозофии во економијата, но освен успешното воведување на ДДВ и кампањата за купување домашни производи, кои го втурнаа сегашниот премиер Никола Груевски во највисоките кругови на политиката и на политичката популарност, владата на Георгиевски не можеше да се пофали со реални реформи, кои, ако веќе не можеа да го покачат животниот стандард, барем можеа да создадат предуслови за долгорочен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес кон Европската унија, кој почна премногу доцна во владеењето на СДСМ, е единствениот процес што може да се прогласи за визионерски и покрај тоа што потпишувањето на Договорот за стабилизација и за асоцијација во Загреб може да се препише на обидот на Брисел да ја намали тензијата на меѓуетнички план среде вооружениот конфликт. Што се однесува до реформите и до знаењето во администрацијата, тогашната влада, со чесни исклучоци, кои донкихотски се обидуваа да внесат западни стандарди и пристап во работата, немаше никаков успех. На ниво на влада немаше јасна програма како земјата ќе ги надмине децениските проблеми во образованието, земјоделството, банкарскиот систем. Многумина од државните функционери на своите фотелји седнаа без никакво претходно знаење и сѐ уште своите ставови ги градеа врз основа на советите на популарни професори, кои претходно, во неколку наврати, ѝ ставаа јамка на македонската економија со своите тези, кои никаде не беа докажани.

Постконфликтна Македонија
Самиот факт дека владата формирана по конфликтот во 2001 година и изборите во 2002 година за две години смени тројца премиери (Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски) јасно говори како била водена Македонија во овој период. Со исклучок на тогашниот Секретаријат за евроинтеграции, кој повеќе од успешно ја заврши работата со одговорот на прашалникот од ЕУ како предуслов за почеток на процесот за добивање кандидатски статус, подоцна во другите институции немаше никаков напредок во смисла на воведување нова практика и политика. Повеќе од една деценија во државата сѐ уште имаше монополи во неколку важни гранки, без големи напори да се промени состојбата. Се разбира, сето тоа на товар на граѓаните, кои плаќаа огромни цени за интернет, на пример. Големите скандали, како тој со продажба на земјиште во центарот на Скопје, кои се базираа на дискрециското право на министрите, се најдобар показател за недостигот од желба работите да се средат, се разбира, за да може да се продолжи со коруптивно однесување на сите нивоа. Колку е погубна политиката во која плановите на Брисел и на Вашингтон имаат предност во однос на националните интереси на македонските граѓани, се виде со Референдумот за територијална поделба со кој ги задоволивме САД и ЕУ, а за навек ги осакативме урбаните луѓе во Струга и во Кичево, нешто што нема да биде заборавено никогаш и поради што СДСМ секогаш ќе има црна дамка на своја сметка.

Десетта година владеење на Груевски
Неговите критичари ќе речат дека единствена причина за долгото владеење на Груевски е неговата стратегија за субвенции на земјоделците, за третман на пензионерите, за финансирање на медиумите, за влијание во јавниот сектор или во судството. Малкумина од тие што сакаат да го симнат од власт размислуваат за начинот на кој тој со хируршка прецизност им се обраќа на специфични целни групи. Се разбира, и во владеењето на Груевски и на новото ВМРО-ДПМНЕ има низа грешки и популизам како што има секаде во светот, вклучително и во старите и водечки демократии, но никој не може да каже дека во времето на оваа влада Македонија не се смени како држава. Всушност, само малкумина ја сфатија идејата на Груевски во својот мандат да ја промени, да ја деконструира политичката оставнина од социјализмот, подоцна преземена и од СДСМ, во која министер може да биде само некој од „добра фамилија“, директор само некој што е дел од деловното лоби градено уште во комунизмот, доктор во скопскиот клинички центар може да биде само син на доктор, професор на факултет да биде само ќерка на професор, амбасадор да биде само внук на голем директор или политичар и така натаму. И покрај низата грешки во изборот на дел од државните функционери, сепак, Груевски успеа во својата намера и законски и кадровски да ја деконструира општата слика и со поставување низа млади луѓе на важни позиции да создаде потенцијал што ќе биде корисен и кога тој ќе замине од власт. Многумина на почетокот на 2007 година се шегуваа со одлуката на владата да се казнуваат сопствениците на објектите што нема да се грижат за хигиената на своите тоалети, како што се правеа шеги и за кампањата за трето дете или за многудетни семејства. Многумина не ги забележуваат промените направени во земјата затоа што најголемиот дел од граѓаните паметат до три дена, а уште поголем дел се занимаваат со дневна политика место со реални животни работи од кои најмногу зависи квалитетот на животот.
Груевски, иако во последниве десетина месеци мораше да повлече низа проекти, како законот за хонорарци или за високо образование, во претходниве девет години успеа да спроведе низа закони за кои Црвенковски, Георгиевски, Костов или Бучковски немаа ни идеја дека треба да бидат спроведени. Законот за пушење во земја што е на врвот во Европа според бројот на пушачи е еден од примерите што кажува дека дури и непопуларни проекти од кои се губи рејтингот мора да се спроведат ако со тоа се превенираат болести и ако директно се штеди. Соочувањето со „белата чума“ од која страда цела Европа, како и проблемот со емиграцијата во странство, се уште две од прашањата од кои бегаа сите претходници на Груевски. Никој од нив не сакаше ниту да разговара на овие теми иако уште пред распадот на Југославија овие процеси почнаа да ги осакатуваат македонските села и градови. Запирање на процесот на иселување е, практично, невозможно затоа што на него влијаат фактори како гладот на Германија и на ЕУ за свежа работна сила поради која земји како Бугарија, Албанија, Косово и Романија останаа без една четвртина од своето население. Сѐ полибералниот начин на живот силно го наруши и традиционалното семејство што влијае и на сѐ помал број новородени деца. Во други времиња владите молчеа и се надеваа дека никој нема да се сети на овие прашања и така беше. За жал, покрај објективните пречки да се реши проблемот со сѐ помалиот број новородени, земјата се соочи со одлука на Уставниот суд според кој падна владиното решение да се дава финансиска помош на семејствата на новородени деца во местата каде што има помал наталитет. Најголемиот дел од овие места се доминантно населени со Македонци.
Се разбира, стотина редови се премалку за да се направи добра анализа на 24 години независна Македонија и овој текст треба да се чита како субјективна оцена на авторот за состојбите за кои лично сведочел од своето полнолетство. Многу работи се пропуштени, но затоа најголем дел од вас, читателите, имаат пристап до евтин интернет преку кој можете да ги проверите фактите за македонските влади и за нивната улога во создавање на Македонија за која се бориме, стабилна, богата, со среќни луѓе, отворена за светот. Тоа што не смее да се занемари при оцената на кој било политичар е дека во земја како Македонија, каде што сите се „квалификувани“ за премиери, министри, селектори на репрезентации и каде што сите знаат сѐ, а ретко кој почитува туѓи успеси и напори, е навистина тешко да се биде политичар. Во земја во која од етничките проценти избројани на попис зависат колективни човекови права, каде што одредени политички лидери работат по комшиски интереси и каде што националниот канал има обврска да објавува емисии на седум различни јазици, воопшто не е лесно да се биде политичар.
(Текст објавен во 157. број на неделникот Република, 4.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


