САД денеска одбележуваат 14 години од терористичките напади во Њујорк и во Вашингтон на 11 септември 2001 година, во кои загинаа 2.977 лица.
Во рамките на одбележувањето на годишнината од терористичките напади, американскиот претседател Барак Обама ќе ја посети воената база во местото Форт Мид во Мериленд.
Портпаролот на Белата куќа, Ерик Шулц, изјави дека Обама ќе разговара со припадниците на војската, кои секојдневно се грижат за безбедноста на земјата.
Главната церемонија, како и во претходните години, ќе се одржи во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, со што ќе се одбележи сеќавањето на уривањето на двете „кули близначки“, нападот врз Пентагон и падот на авионот во Пенсилванија на 11 септември 2001 година.
Оддавањето почит на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имињата на настраданите во нападите во 1993 и 2001 година, додека вечерва два снопа сина светлина ќе бидат вперени кон небото за да постсетат на урнатите кули на Светскиот трговски центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.