| четврток, 6 декември 2018 |

Нови проекти за заштита на културното наследство на Куманово

Во рамките на работната посета на општина Куманово, министерката за култура Елизабета Канческа –Милевска денеска оствари средба со директорката на Музејот Куманово, Анита Цветановска, на која стана збор за сите проекти од областа на културното наследство кои се реализираат во кумановскиот регион.

Канческа-Милевска изрази задоволство што речиси седумдесет проценти од проектите кои се наоѓаа во програмата на Музејот во Куманово се завршени, а голем број на проекти се во тек на реализација. Министерката за култура информираше дека екипите на Музејот од Куманово годинава активно работеа и на систематските археолошки ископувања на локалитетите Кокино и Градиште во Младо Нагоричино, каде беа пронајдени особено вредни артефакти кои го потврдуваат долгиот континуитет на егистирање на цивилизацииите во овој регион.

-Во овој период ќе следи на конзерваторска обработка на пронајдениот материјал, а археолозите во завршна фаза се со ископувањата на локалитетот Костоперска Карпа во Младо Нагоричине, каде е откриена базилика за која се претпоставува дека е датира од 6-тиот век. Во септември продолжуваат археолошките истражувања на локалитетот Црквиште во Клечовце, рече министерката за култура.

Меѓу останатите проекти, Канческа-Милевска информираше и за проектот за конзервација на 72 икони во црквата Св. Никола во Куманово кој годинава предвидува заштита на 25 вредни икони, а ќе се работи и на конзервација и обработка на нумизматичка збирка на Музеј – Куманово, односно на конзервација на монетите кои беа пронајдени на локалитетите. Кумановскиот музеј ќе работи и на проекти од ликовната, историската дејност, како и проекти од областа на етнологијата, меѓу кои се и модните ревии кои се приказ на староградската мода во кумановско.

Канческа-Милевска како особено важна ја нагласи реализацијата на проектот за целосна обнова на поставката во Спомен-куќата на македонскиот народен херој Христијан Тодоровски-Карпош, која е споменик на културата од 1976 година.

-Поставката е од особено значење, бидејќи ќе содржи автентични документи, оружје, фотографии и други експонати. Куќата веќе е пренесена во владение на Музејот Куманово , изработен е проект и елаборат по што следната година ќе се пристапи кон реализацијата на овој проект, рече Канческа-Милевска која нагласи дека ќе бидат издвоени и средства за реконцепирање на комплексната постојана поставка во кумановскиот музеј, која ќе биде надополнета со нови експонати откриени на археолошките истражувања на локалитетите во кумановскиот регион.

Министерката за култура информираше и за уште два значајни проекти преку кои ќе заштитат репрезентативни примероци на културното богатство.

-Сакам да напоменам дека во рамките на последната посета на претседателот на Владата на РМ на кумановскиот регион, Никола Груевски и средбата и разговорите со граѓаните произлегоа неколку особено значајни иницијативи во смисла на поинтензивна заштита на културното наследство со кое располага овој регион. Министерството за култура заедно со екипи од Националниот конзерваторски центар и Музејот во Куманово, излезе на терен и по направениот увид, изработивме конкретен план и динамика за реализација на проектот за санација на Карпинскиот манастир, а ќе бидат издвоени и средства за санација на конакот во манастирот „Света Богородица“ лоциран во месноста Забел во Старо Нагоричане, кој исто така е значаен споменик на културата од 19 век, подвлече министерката за култура.

Во изјавата за медиумите, Канческа-Милевска истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура остануваат доследни на поддршката која ја обезбедуваат за проектите во Куманово и изрази очекување дека во наредиот период ќе бидат промовирани уште многу проекти преку кои ќе се заштити културното наследство со кое изобилува овој град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top