Да се обединиме во име на интересите на Албанија, за да го победиме албанскиот премиер Сали Бериша, кој секогаш беше малцинство, се наведува во поканата на лидерот на албанските опозициски социјалисти Еди Рама до неговиот поранешен сопартиец и актуелен лидер на Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), Илир Мета, кој во изминативе четири години беше дел од албанската Влада.
Рама по контактите што ги имал со Мета, но и со одредени раководители на европските социјалисти, упати барање до Мета да ја напушти Владата за да стане „значаен дел од големата лева коалиција“ во пресрет на парламентарните избори, закажани за 23 јуни.
Ваквиот чекор на Рама не наиде на одобрување од сите членови на највисокото раководство на социјалистите. Најголем противник е Ерион Браче, додека пратеникот од Кукс Аслан Доѓани ја напушти партијата и најави дека ќе учествува на изборите како независен кандидат.
Во таборот на социјалистите преовладува и убедувањето дека излегувањето на Илир Мета од Владата ќе доведе до владина криза, по што би се формирала техничка влада ѓто ќе ги организира изборите во јуни.
Излегувањето од Владата на партијата на Мета го потврдија и премиерот Бериша и претседателката на албанското Собрание Јозефина Топали, но според нив, владиниот кабинет ќе опстане и без ЛСИ.
Бериша на неговиот Фејсбук профил оценува дека никој не може да биде закана за определбата на Владата да организира слободни и фер избори, во согласност со изборниот законик и Уставот на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


