| четврток, 6 декември 2018 |

Бигорски го одбележува патронот

Утре, на денот на патронот, во 7,30 часот ќе започне утринската богослужба, а со Света архиерејска Златоустова Литургија, која почнува во девет часот ќе чиноначалствува неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во сослужение со надлежниот митрополит Дебарско­кичевски, неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј и други архиереи на МПЦ­ОА

Познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, го одбележува 11 септември, денот на отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

Како што информираат од Бигорскиот манастир, во свештената Бигорска обител вечерва со почеток во 18 часот и 30 минути ќе се отслужи свечена вечерна богослужба, на која ќе биде извршено и монашење на двајца браќа. Во рамките на одбележувањето на патронот, по богослужбата, почнува свечена програма за 20­годишниот јубилеј од обновата на монаштвото. Најпрво поздравно слово ќе одржи архимандрит Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, а потоа и архимандритот Нектариј, игумен на Свештената Обител на Св. Наум Охридски. Според планираните активности ќе биде промовиран зборникот „Бигорски манастир – ­ 20 години возобновено монаштво“ од страна на протоѓаконот доктор Ратомир Гроздановски, по што слово ќе одржи академик Цветан Грозданов. Митрополитот дебарско­кичевки, господин Тимотеј ќе додели манастирски награди, по што е предвиден настап на хорот на Бигорскиот манастир и на гудачки квартет од Македонската филхармонија.

Утре, на денот на патронот, во 7.30 часот ќе започне утринската богослужба, а со Света архиерејска Златоустова Литургија, која почнува во девет часот, ќе чиноначалствува неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во сослужение со надлежниот митрополит дебарско­кичевски, неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј и други архиереи на МПЦ­ОА.

Традиционлано, по повод патронот во Бигорскиот манастир, престојуваат повеќе стотици верници од сите делови на државава, кои овде доаѓаат неколку дена пред празникот, но најмногу вечерва и утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top