| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 6.000 емигранти денеска ќе поминат низ Македонија

Според проценката на сите чинители вклучени во соочувањето со бегалската криза присутни во прифатниот камп во Гевгелија, во текот на вчерашниот ден низ нашава земја транзитирале околу 6.000 мигранти од прифатниот камп во Гевгелија до Табановце.

Од железничката станица информираа дека од платформата кај кампот вчера кон Табановце заминале пет специјални воза со околу 3.300 мигранти, а утрово пред околу половина час замина и првиот денешен воз кон Табановце, со околу 600 мигранти.

Од железничка потврдија дека и денеска се подготвени да одговорат на барањата од кампот со уште специјални возови кои се подготвени и чекаат на повик.

Вчера голем дел од емигрантите се превезуваа со автобуси и со такси возила кон Табановце, а тоа е случај и утрово. Околу 30-ина автобуси и такси возила ги чекаат мигрантите на мостот кај Сува Река и оттаму ги превезуваат кон северната граница. Голем дел од нив веќе заминаа на пат да превезуваат емигранти, а останатите овие моменти ги чекаат групите што пристигнуваат од кампот и тие во секој момент ќе се упатат кон Табановце.

Според напливот на емигранти во прифатниот камп, се очекува  низ нашава земја и денеска да транзитираат околу 6.000 мигранти. Превозот е добро организиран и барем засега се одвива без тешкотии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top