| четврток, 6 декември 2018 |

Со современа технологија и планско производство до успешно земјоделство

slider-Bisporomet-Zito
Единствен начин за решавање на проблемите во земјоделството е создавање квалитетен, конкурентен производ, а тоа е можно само со воведување нова, современа технологија и следење на светските трендови, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по денешната работна посета на Свети Николе.

Цветков присуствуваше на пуштањето во работа на новиот комбајн за автоматско собирање домати, вреден 170.000 евра што го набави фирмата Балкан Еко Фрут, а ги посети и погоните на МИК Свети Николе, една од македонските компании која се уште не ги исполнува условите за извоз на рускиот пазар.

– Само со договорно производство кога земјоделецот точно ќе знае што и колку треба да произведе, со иновации и примена на современа технологија можеме да ги надминеме клучните предизвици. Треба да се работи единствено во овој правец. Македонија е мала и не може да ги задоволи надворешните пазари, но може да изнајде начин за сигурен пласман, истакна министерот.

Производството без познат купувач, подвлече, веќе не треба да биде пракса.

– На Македонија не и е проблем да произведе, но проблем е кога производството треба да се пласира. Затоа е неопходно зголемување на преработувачката индустрија и отворање откупно-дистрибутивни центри, рече Цветков, додавајќи дека Владата интензивно работи во оваа насока.

Балкан Еко Фрут е македонско-арапска инвестиција вредна 2,2 милиона евра која работи од минатата година кога сопствениците го купија поранешниот „Југотутун“ и го рестартираа. Преработува овошје и зеленчук, но размислува и за почнување сопствено производство.

Идната година фабриката очекува да преработи околу 15.000 тони домати што е 10 до 12 отсто од вкупното македонско производство кое достигнува 130 до 160 тони, а доколку комбајнот, кој претставува значителна инвестиција, биде успешен, планирано е купување уште неколку нови машини.

– Аплициравме и на сегашниот оглас за ИПАРД средствата за проект вреден 500.000 евра за осовременување на опремата со што очекуваме од идната година да имаме заокружен процес и да го искористиме капацитетот на нашата фабрика, ако не 100 проценти, барем 80 отсто. Тоа значи дека ќе бидат потребни околу 15.000 домати за преработка, изјави Горан Митев, еден од сопствениците.

Балкан Еко Фрут за есенва најавува и склучување договори со производителите за сигурен пласман на доматите. Подготвени се, велат, да обезбедат семиња и стручна помош.

Во однос на ИПАРД, министерот Цветков потсети дека на Македонија и стојат на располагање огромни средства. – Преземаме сериозни мерки за максимално искористување на ИПАРД програмата пради што е формиран и Гарантниот фонд чија вкупна финансиска рамка ќе биде 30 милиони евра. Фондот ќе почне да функцинира од октомври годинава, посочи Цветков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top