| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија засега добро се справува со емигрантите

Проблемот со транзитните илегални емигранти зависи од многу фактори кои воопшто не се поврзани со нас, како држава, но засега добро се справуваме, изјави премиерот Никола Груевски денеска, додавајќи дека, сепак, овој проблем е темпирана бомба која човек не знае кога ќе експлодира.

– Тргнувајќи од политичките, безбедносните и економските состојби во земјите од каде тие доаѓаат, преку одлуките на владите во регионот, и најмногу од одлуките на најмоќните европски држави во врска со справувањето со оваа појава, која неодамна ја нареков нова голема преселба на народите. Овие кои сега транзитираат кон ЕУ се главно припадници на т.н. средна класа во нивните земји, голем дел од нив со солидно образование, и кои можат да си дозволат доволно пари за таквото патување. Сиромашните, кои се најголемиот број од граѓаните на тие земји, главно, се уште немаат тргнато, и се изнендадени од успехот на оние кои тргнаа и пристигнаа во западна Европа. Кога тие ќе тргнат, тогаш проблемите ќе нараснат. ЕУ се уште нема изградено заедничка стратегија по ова прашање. Постојат многу морални дилеми и крупни несогласувања. Сепак, се чини, успехот зависи од тоа, колку длабоко и колку доволно и побрзо ќе се интервенира заради решавање во изворот на проблемот, во причините зошто тие бегаат и доаѓаат во ЕУ. ЕУ е свесна за понатамошните проблеми и можни последици од така нагол прилив на толку многу луѓе со различни култури, степен на образование, религии, обичаи и начини на размислување и делување. Од друга страна е хуманиот аспект, на кој мора да се води сметка, рече тој.

Како што потенцираше премиерот,  ова е еден од најголемите предизвици за ЕУ во поновото време, за кој се надева дека брзо ќе изгради некоја заедничка стратегија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top