Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска упати честитка до македонските граѓани по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.
– На 8 Септември 1991 година го остваривме вековниот стремеж за слободна и независна македонска држава. Гласајќи за независноста и сувереноста на Република Македонија им се оддолживме на нашите храбри предци и се обврзавме кон нашите потомци. Слободата и независноста не ни беа подарени. Од првиот ден на независноста како држава се соочувавме со двојните стандарди, со предизвикот да се движиме по необележан пат, каде за нас не важеле правилата на меѓународните односи и меѓународното право. Но, не се откажувавме и не отстапивме од нашата праведна цел – да градиме безбедна и стабилна, демократска и развиена, европска и евроатлантска Македонија, отворена кон соседите и кон светот – вели претседателот Иванов во честитката.
Ја градиме Македонија, додава Иванов, како земја на социјална правда, солидарност и напредок на личниот и заедничкиот живот. Ја негуваме вековната традиција на соживот и на прифаќање и почитување на различноста.
– Покрај надворешните се соочувавме и со внатрешни предизвици. Политичката криза нè потсети дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. Нè потсети на важноста на водење дијалог во институциите, кои сами сме ги создале, и чиишто претставници демократски сме ги избрале. Ни останува преку дијалог и соработка да ја градиме довербата неопходна за остварување на споделените цели и визии. Бидејќи, само обединети и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни, нагласува македонскиот претседател.
Емигрантите што денес поминуваат низ Република Македонија, вели Иванов, потсетува на македонското тажно минато. Додека сме хумани кон луѓето што бегаат од разурнатите општества и пропаднатите држави, додава претседателот, да бидеме благодарни на тоа што го имаме – наша сопствена држава.
– Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Имаме енергија за многу нови потфати. Да ја направиме Македонија економски силна и развиена. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија – нагласува македонскиот претседател во честитката по повод Денот на независноста на Република Македонија.
Во неа додава дека тоа може да се направи само со единство и одговорност, на кое, како што вели, нè потсетува и денешниот голем ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


