| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија промовирана како дестинација за снимање на филмови во престижниот „Синееуропа“

Влијателната интернет-страница која е специјализирана за вести, интервјуа, бази на податоци и истражувања за аудиовизуелната индустрија во Европа, Cineuropa.org, деновиве објави и статија за новиот филм „А фонд“ на младиот, но многу афирмиран француски режисер Никола Бенаму, кој токму Република Македонија ја избра како една од локациите каде што ќе се снима неговото најново филмско остварување, соопшти министерството за култура.

Порталот „Синееуропа“, кој е една од најпознатите европски платформи каде што професионалците имаат можност да разменат информации и идеи, но и да се запознаат со новитетите од европската филмска индустрија, пишува дека голем број од сцените на филмското остварување на продукциските куќи од Франција „Шик филмс“ и „Ла петит Реин“, освен во Франција, ќе се снимаат и на локации во Република Македонија. Со презентирањето на оваа информација, пред широката милионска читателска, но и професионална јавност која секојдневно ги проследува вестите на овој реномиран медиум, Република Македонија се претставува како нова и атрактивна филмска дестинација на мапата на светската филмска индустрија и како земја која големите продукции од Франција ја избираат за снимање на нивните остварувања.

Во продукцијата на филмот „А фонд“, вклучени се повеќе од 100 професионални работници од Франција и околу 400 филмски работници, статисти и придружни соработници од Република Македонија, кои преку оваа соработка имаат исклучителна можност да разменат искуства со врвните филмски професионалци од француската кинематографија.

Првиот европски портал „Синееуропа“, кој е достапен на четири јазици, во статијата ги изразува и своите позитивни очекувања дека и новиот филм на Бенаму ќе биде голем хит како и неговите претходни филмови, судејќи и по докажаните актерски имиња, кои ќе не водат низ филмската приказна. Во статијата, „Синееуропа“ нагласува дека „А фонд“ ќе биде четврт долгометражен филм зад кој се потпишува Бенаму, по „Да се додава масло на огнот“ од 2011 година, анимираниот игран филм за деца „Бејбиситинг“ којшто изминатата година уриваше рекорди во киноблагајните со продадени над 2,3 милиони билети и последното филмско остварување „Бејбиситинг 2“, чија премиера е закажана на втори декември годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top