Москва планира армијата до 2020 година да добие 1.000 нови авиони и хеликоптери, со што би биле обновени дури 70 проценти од летачката техника, анализира белградска „Политика“.
Од првиот ден на август, руската армија има нова димензија. Со декрет на претседателот на државата Владимир Путин, основани се единствени воздушни и вселенски сили, информативниот портал „Спутник“ ја пренесе изјавата на министерот за одбрана, армискиот генерал Сергеј Шојгу.
– Основањето на воздушните и на вселенските сили со спојување на воената авијација и противвоздушната и вселенска одбрана е оптимална варијанта за безбедноста на Русија – изјави Шојгу, додавајќи дека сега воената авијација, противвоздушната одбрана, ракетните трупи и вселенските трупи се наоѓаат под една команда, што е голема предност во однос на претходниот период.
Командант на овој дел на руската армија е генерал полковник Виктор Бондарев. Неполни две недели по објавувањето на информацијата за оваа структурна промена во руската армија, се огласи генерал Бондарев. Рускиот генерал изјави дека трупите под негова команда, во наредните пет години ќе добијат речиси илјада нови борбени авиони и хеликоптери.
– По распадот на Советскиот Сојуз, од 1992 до 2002 година, руското воено воздухопловство не доби ниту еден единствен нов авион – изјави Бондарев.
Меѓутоа, состојбата во последните години почна драстично да се менува.
– Од 2012 година добивме преку 300 нови авиони и хеликоптери. Оваа година очекуваме единиците за воено воздухопловство да добијат околу 150 нови авиони. Планот е до 2020 година да добиеме околу 1.000 нови авиони и хеликоптери. Тоа значи дека би била обновена дури 70 проценти од летачката техника – додава Бондарев.
Дека ова не се само празни зборови, потврдуваат сѐ почестите информации во медиумите за новите борбени авиони кои се подготвуваат за руската армија. Така на пример, кон крајот на мај објавено е дека успешно е завршено државното тестирање на новиот ловец со назнаки „т-50“ (ПАК-ФА).
– Тестирањето на авионот е завршено, тој покажа исклучително добри карактеристики, вооружените системи функционираат перфектно, како на земја така и во воздух. Авионот идната година ќе влезе во оперативна употреба. Овој авион не е ништо полош од американските конкуренти во таа класа Ф-22 и Ф-35. Практично, во сите сегменти нашиот авион е подобар – соопшти тогаш командантот на руското воено воздухопловство Виктор Бондарев.
Прво беше планирано руската авијација идната година да добие десет ловци „т-50“, а подоцна уште 60. Меѓутоа, заменик министерот за одбрана Јури Борисов ги коригираше овие планови. Поради новата економска состојба, како што тоа го дефинираше Борисов, војската ќе порача нешто помал број на овие ловци.
Меѓу интересните новитети во руската авијација секако треба да се наведе и новиот арктички хеликоптер со ознака „ми-8АМТЧ-ВА“. Во текот на авиосмотрата МАКС 2015, Александар Михајев, директор на холдингот Руски хеликоптери, им соопшти на новинарите дека подготовките за производството на аркитчкиот хеликоптер се при крај и дека тестирањето ќе започне во втората половина на 2015 година.
– Новиот хеликоптер ќе може да лета во најостри климатски услови и преку ден и навечер без помош на сателитски сигнали – објасни Михајев.
Новиот арктички хеликоптер е развиен на платформата на познатиот модел „ми-8“ и на него сѐ е нагодено на остри арктички услови. Поради тоа хеликоптерот е опремен со дополнителни резервоари за гориво што овозможува максимален долет од 1.500 километри.
Американското списание „Нешенел интерест“ направи мала ранг-листа на најопасните авиони во составот на руската воена авијација. Меѓу првите пет опасности, по овој редослед местата ги заземаа: „су-27“, „миг-29“, „су-35“, „т-50“ ПАК ФА и „ту-160“.
Списанието даде основни податоци за секој авион со објаснување зошто е толку опасен по потенцијалните противници.
На прво место на оваа американска листа е повеќенаменскиот борбен авион „су-27“. Овој авион има борбен радиус на движење од 750 километри и е побрз од американските конкуренти „ф-16“ и „ф/А-18“.
Второпласиран на оваа листа е „миг-29“ развиен исто така како конкуренција на американските „Ф-15“ и „Ф-16“. Овој релативно мал авион има фантастични маневарски способности, поради што е многу ценет во светот. Освен во руската војска, „миг-20“ се наоѓа и во армиите на Куба, Северна Кореја, Сирија…
Третото место го освои борбениот авион со врвни маневарски способности „су-35“. Овој авион ужива голем углед во светот, иако не е толку брз како „су-27“. Неговите предности се поголем борбен радиус на летање, до 1.600 километри и помодерна опрема и вооружување.
Четвртото место на американската листа му припадна на повеќенаменскиот борбен авион „т-50“. Како што наведе списанието, овој авион всушност е руски одговор на американските модели „ф-22 раптор“ и „Ф-35“. Со максимална брзина од 2.600 км на час, рускиот авион е побрз од американските конкуренти.
На крајот на оваа опасна руска петорка е надзвучниот стратешки бомбардер „ту-160“. Овој авион со своите карактеристики серизно ја надминува американската конкуренција. Посебно е забележителен податокот дека „ту-160“ има радиус на борбен лет од дури 7.300 км. Рускиот информативен портал „Спутник“ наведе дека Министерството за одбрана порачало 50 нови стратешки бомбардери од оваа класа, но во помодерна везрија „ту—160М2“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст