Од почетокот на војната во Сирија повеќе од четири милиони луѓе побегнаа од оваа земја плашејќи се за сопствениот живот. Најмногу од нив побегнаа во соседните или блиските арапски земји – Турција, Либан, Јордан, Ирак и Египет.
Тие што продолжуваат понатаму речиси без исклучок тргнуваат кон северозапад, кон Европската унија, каде што во моментов има повеќе од 160 илјади регистрирани бегалци, но ретко кој од Сирија тргнува кон земјите од Персискиот Залив, иако станува збор за богати држави со кои бегалците споделуваат и вера и култура.
Главниот проблем за бегалците е што ниту една од шестте богати и влијателни земји од Персискиот Залив – Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Бахреин, Кувајт и Катар – не е потписничка на Конвенцијата за бегалци на ОН, која го дефинира поимот бегалец и правата на лицата што бараат азил. Влезот во овие земји не е можен без виза, која бегалците ретко ја добиваат.
Место да прифаќаат бегалци, земјите од Персискиот Залив даваат парична помош.
Емиратите финансираа цел камп за бегалци во Јордан кој прима десетици илјади Сиријци. Владите на Саудиска Арабија и Катар донираа пари, храна, засолништа и облека за сириските бегалци во Либан, Турција и во Јордан. Вкупно дадоа повеќе од 900 милиони долари за сириските бегалци.
Од друга страна, земјите од ЕУ досега донираа повеќе од 2,4 милијарди долари, и се подготвуваат за прифаќање на уште поголем број бегалци.
Сега доаѓа до ситуација во која се поголем број муслимани, како и муслиманските заедници во европските држави, почнуваат да ги прозиваат своите „браќа по вера“, а трендот е сѐ повидлив на друштвените мрежи.
Само минатата недела арапскиот хаштаг “Прифаќање на сириските бегалци е должност на Заливот” е користен повеќе од 33 илјади пати на Твитер. Корисниците објавуваат фотографии од сириските бегалци како гинат на море, деца како преминуваат бодликава жица или семејства кои спијат на отворено.
На фејсбук страницата “Сириска заедница во Данска” објавено е видео кое ги прикажува мигрантите како влегуваат во Австрија од Унгарија. Еден од корисниците вели: “Како побегнавме од регионот на нашите муслимански браќа, кои би требало да преземат поголема одговорност за нас од луѓето кои тие ги опишуваат како неверници”. Друг корисник одговара: “Се колнам во името на Севишниот, Арапите се неверници!”
Дури и поконзервативните медиуми во арапските земји од Персискиот залив се повеќе повикуваат на солидарност. Саудискиот весник “Мајјак” објави стрип кој стана хит на друштвените мрежи – во кој бегалец со дете клечи пред портите на ЕУ, додека зад арапската порта, опкружена со бодликава жица, налутен шеик покажува со прст кон ЕУ и вика: “Зошто не ги пуштите внатре, вие негостољубиви луѓе?”
“Зошто не ги пуштите внатре, вие негостољубиви луѓе?”
Новинарката на Би Би Си, Амира Фатала верува дека тешко ќе дојде до промена во политиката на заливските држави кон бегалците. Повеќето се потпираат на работници од Индија и југоисточна Азија, кои ги работат тешките работи за кои не е потребно образование.
Иако Арапите од државите кои не се од Персискиот залив често работат работи од средна класа, во последно време се соочуваат со се посилна “национализација” во која саудиските и кувајтските власти им даваат предност на локалните работници.
Либералниот коментатор од ОАР, Султан Соуд ал-Касеми, отворено ја прозива својата влада да ги прифаќа бегалците. Локалните креатори на политики се противат на прифаќањето со аргументи кои предизвикаа бројни јавни критики – тврдат дека “цената на живеачката во Заливот е превисока за нив” или дека станува збор за тешко истрауматизирани луѓе кои “нема да се прилагодат на животот во заливското општество”.
Иако заливските земји со години стравуваат дека ќе се загуби нивниот јазик и културен идентитет поради големиот број економски имигранти, Ал-Касеми верува дека ги одбиваат Сиријците оти се плашат од прилив на голем број политички активни Арапи во нивните земји, кои се традиционално изразено политички пасивни.
Кувајт засега покажа најмногу добра волја кон сириските неволји со тоа што одобри визи за долготраен престој за сите Сиријци кои во моментот живеат и работат во таа земја – вкупно околу 120 илјади – што значи дека нема да ги депортираат назад во Сирија кога ќе им истечат визите што сега ги имаат.
Во ситуација кога ЕУ подготвува планови за доаѓање и сместување на нови бегалци, а земјите од Персискиот залив не ја ни признаваат меѓународната повелба за правата на бегалците, не е чудно што стотици илјади луѓе чии домови се разорени од војната бегаат во насока каде има каква-таква шанса дека ќе бидат прифатени.
Ни Америка не ги сака бегалците: Европа сама ќе го реши проблемот
САД во четвртокот изразија подготвеносѕ да им помогнат на европските земји соочени со голем пораст на бројот на мигранти од Блискиот исток и од северна Африка, но сепак не се понудија да преземат повеќе бегалци од регионот.
-Европа е способна сама да го реши овој проблем, рече портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.
Прашан дали САД се подготвени да преземат повеќе мигранти од регионот, тој рече дека нема ништо да соопшти, но истакна дека 4 милијарди долари американска хуманитарна помош им се дадени на сириските бегалци од 2011 година досега.
Тој напомена дека станува збор за очајни луѓе кои бегаат од насилството и нестабилноста во нивните земји и ги повика политичарите да не го загубат од предвид “човечкиот лик на овие луѓе”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст