| четврток, 6 декември 2018 |

Најпознатото француско каскадерско семејство доаѓа да снима филм во Македонија

Филмот жанровски може да се смести меѓу акција и комедија. Приказната во филмот е за едно семејство кое заминува на одмор со автомобил, но по пат автомобилот се расипува, откажува електрониката и возилото не може да запре

Опасни каскадерски сцени, сцени со хеликоптери, бркотница со возила на пат ќе се снимаат на обиколницата во Скопје и на автопатот Неготино – Велес за потребите на францускиот филм „А фонд“, чиешто снимање почнува на 7 септември во Скопје.

Филмот жанровски може да се смести меѓу акција и комедија. Приказната во филмот е за едно семејство, кое заминува на одмор со автомобил, но по пат автомобилот се расипува, откажува електрониката и возилото не може да запре. Неколку сцени веќе се снимени во Франција.

– Ја баравме идеалната сцена и ја најдовме тука, во Македонија. Сакам уште еднаш да се заблагодарам што ни ги понудивте идеалните услови за работа. Очекувам филмот да биде многу успешен. Нашата продуцентска куќа годинишно снима меѓу 250 и 300 филма. Освен што и македонските учесници во проектот може да научат од своите француски колеги, и ние може многу да научивме од вас – рече Марко Шеркуи, продуцент на „А фонд“ од куќата „Шик филмс“.

6

Очекувам филмот да биде многу успешен, изјави продуцентот Шеркуи

 

Премиерата на филмот се очекува во јуни в година.

Режисер на филмот е Никола Бенаму, кој изјави дека само во Македонија ги нашле сите технички елементи што биле многу важни за снимањето.

– Долго време се обидувавме да најдеме идеална средина за снимање на филмот. Ќе биде многу возбудливо – рече Бенаму.

Во снимањето на филмот ќе учестува најпознатото француско каскадерско семејство Жилијен, кое учестувало и во снимањето на филмот „Такси“, рече Сашо Павловски од „Мануфактура продукција“, преку кои се воспостави релацијата со француските уметници.

4

Владо Мисајловски информира дека за потребите за снимањето на филмот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим

 

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски информира дека за потребите за снимањето на филмот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на обиколницата во Скопје на потегот од Хиподром до Сарај и на автопатот Велес – Градско при што граѓаните ќе бидат навремено информирани за тоа во кој период од денот и кои денови овие делници ќе бидат затворени за сообраќај.

-Придобивките од овој проект се повеќекратни, покрај фактот што со снимањето на филмот ќе се придонесе за развој на филмската индустрија, директно ќе влијае и преку вработувања на неколку стотина домашни работници кои ќе бидат ангажирани за овој период се додека се снима филмот – подвлече министерот Мисајловски.

1

Цената што ќе треба да ја плати продукциската куќа е пресметана врз основа на просекот на изминати возила на наплатените станици Петровец и Градско споредени со месец септември и месец октомври 2014 година, кои продукцијата ќе ги плати во целост. Станува збор за 12,7 милиони денари средства кои Македонија би ги инкасирала од патарините доколку обиколницата би била отворена.

Тој информира дека во согласност со потпишаниот договор, француската продукциска куќа ќе издвои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес – Градско преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top