| четврток, 6 декември 2018 |

Чавков: Правиме максимални напори за амортизирање на проблемот со мигрантите

­ Во одреден временски период на екстремна ескалација на состојбите, ние одговоривме согласно нашите законски права и законски обврски за заштита на сопствената граница. Намерата беше, не херметички да ја затвориме границата, туку да го редуцираме влезот согласно нашите капацитети за прифаќање, за регистрација и за хуманитарен третман на овие мигранти коишто, во одреден временски период навистина ескалираа како странци и како бројки.

samit-na-ministri-za-vnatresni-ohrid-2

 

Ова го изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој денеска со своите колеги од Австрија, Србија и Унгарија во Охрид ќе потпишат Меморандум за разбирање за преземање неопходни мерки за справување со вонредниот притисок од мигрантската криза која ги засега овие земји. ­

– Тоа на некој начин ни помогна и да се обидеме да направиме некои оперативни контакти со нашите колеги од Република Грција, меѓутоа морам да кажам дека беше тоа сосема регионално, односно на оперативно регионално ниво. Не даде којзнае колку и какви резултати. Нашата интенција беше да ги знаеме тие мерки и активности на нивна страна од граница, бидејќи сите бевме сведоци оти од страна на грчка територија воопшто немаше никаква контрола од гранична полиција, ниту пак имаше присуство на претставници од хуманитарни организации, појасни Чавков.

samit-na-ministri-za-vnatresni-ohrid

 

Тој укажа дека во последните денови бројот на мигрантите повторно почнува да се зголемува. Според неговите информации, денеска бројката е веќе околу 4.000 мигранти. ­

– Правиме максимални напори за соодветен пристап до прифаќањето, до регистрацијата и во третманот на оваа бројка која морам да кажам дека е над нашите капацитети. Вонредни напори, вонредни мерки и активности преземаме, значителен број од нашите персонални капацитети, не само од гранична полиција, туку и од другите организациски единици во МВР се насочени на јужна граница и сите заедно координирано и со други министерства сме вклучени во амортизирањето на овој проблем, нагласи министерот за внатрешни работи.

Interior Ministers of Austria, Hungary, Serbia and Macedonia meet in Ohrid

 

Очекува грчките власти да не придонесуваат за екстремно или постојано зголемување на трендовите за влез на мигранти во Република Македонија, бидејќи, рече Чавков, сето тоа понатаму се одразува во Република Србија, па во Унгарија, Австрија итн. ­

– Сите знаеме и тоа денеска беше потенцирано дека решението не е во разлевање на проблемот, туку е во реагирањето односно во делувањето многу блиску до местото каде што се генерираат проблемите, односно факторите коишто ги генерираат проблемите, изјави министерот Чавков, додавајќи оти Република Македонија сигурно ќе најдеме начин да се справиме со оваа последна ескалација на трендовите.

Инаку, потпис на Меморандумот за разбирање ќе стават министрите за внатрешни работи на Македонија, на Австрија и на Србија, Митко Чавков, Јохана Микл­ Лаитнер, Небојша Стефановиќ, како и претставникот на МВР на Унгарија, Кристина Берта.

На состанокот во Охрид ќе бидат разгледани и мерки за заедничка борба против криумчирањето луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top