| четврток, 6 декември 2018 |

Најмалку 150 евра за опремување ученик

Во неопходните реквизити за следење на училишната настава влегуваат ранците, тетратките, блоковите, водните и темперни бои, линијар, шестари и сѐ што е потребно за следење на различните предмети, кои се составен дел од наставната програма. Но тука се и трошоците за нив, кои треба добро да се менаџираат за да може семејниот буџет да ги издржи, посебно ако во домот има два или повеќе ученика

Додека децата сѐ уште ги прераскажуваат доживувањата од летниот распуст и уживаат во неговите последни денови, родителите на големо се подготвуваат за септември, месецот кога почнува училишната година, кога почнуваат подготовките за зима. Летната безгрижност е далеку зад нив и тие веќе прават математика, како да се „преживее“ финансиски најтешкиот месец во годината. Продавниците се преполни со сите реквизити за на училиште, кои мамат со своето шаренило и омилени ликови од познатите серии. Тука се ранците, тетратките, блоковите, водните и темперни бои, линијари, шестари и сѐ што е потребно за следење на различните предмети, кои се составен дел од наставната програма. Но тука се и трошоците за нив, кои треба добро да се менаџираат за да може семејниот буџет да ги издржи, посебно ако во домот има два или повеќе ученика. Значи сѐ треба да се купи ново. Единствено што не се плаќа се учебниците, кои ги обезбедува Министерството за наука и за образование, кои, пак, спасуваат стотина евра по ученик. На оваа помош се надоврзува и намалениот трошок за училиштен прибор, чијшто ДДВ од минатата година се намали од 18 на пет проценти. Без оваа владина поддршка, преживувањето на септември ќе беше многу потешко. Сѐ на сѐ, според слободната пресметка на некои родители трошоците за опремување на едно дете за на училиште достигнуваат до 10.000 денари, вклучувајќи нови обувки, панталони, есенска јакна. Се разбира, овој трошок може да биде или помал или поголем, во зависност од желбата и од изборот на родителите, но и на децата, дали ќе изберат поевтина или поскапа варијанта на опремата за училиште и на гардеробата.

– Откако е почнат владиниот проект за поделба на бесплатни учебници, трошоците за опремување на еден ученик се повеќе од преполовени. Да требаше и учебници да купуваме, не знам како ќе го протуркавме почетокот на учебната година. Забележувам разлика и во цените на училишниот прибор. Ама и ние не сме веќе наивни. Ќе прошетаме, споредиме цени и ќе го купиме најевтиното. Мора така, посебно за семејствата што имаат повеќе деца во училиште – вели Лена Ангеловска, мајка на два ученика.

Според неа, парите што порано оделе за учебници, а изнесувале стотина евра, сега ги користи за купување разни блокови, колажи, моливи, пенкала, гуми, острилки, линиари, чантички за прибор, боички. На овој список се додава пристоен ранец, за кој треба да се плати околу 1.000 денари.

– Има ранци и за 500 денари, но тие не се анатомски, што значи дека може да му се искриви рбетот на детето, а плус тоа ќе се искинат за два месеца и пак ќе треба да купувам. Вака подобро ќе дадам 1.000 денари или повеќе за ранец, барем знам дека ќе го носи една година – додава Ангеловска.

Доброинформираните родители, кои имаат искуство во шетање, споредување цени и купување, велат дека има разлика во цените.

– Во некои книжарници цените се повисоки, во некои пониски. Добро е што и во маркетите може да се најде прибор за училиште, па има избор, а може да се заштеди ако се прошета добро – вели Панче Стефановски, родител на деца, кои освен што добиваат бесплатни учебници, добиваат и покривање на патни трошоци до училиштето, со оглед на тоа дека живеат во рурална средина, каде што училиштето е подалеку од 2,5 километра.

Откако учениците ќе се опремат со учебници и со прибор, ранци, останува трошокот за облека, кој е и најголем, па најмногу ги загрижува родителите, бидејќи доаѓаат студени денови, па треба да се купат панталони, блузи со долги ракави, јакни, чевли или патики.

– Новата гардероба чини многу, а треба да се купи сѐ ново бидејќи облеката од лани е мала. Попусти нема, а и децава избираат, ова сакам, ова не сакам, па мислам дека најмалку сто евра ќе потрошам само на облека – вели една мајка.

ekonomija156-2

Со оглед на тоа дека ресорното министерство ги покрива трошоците за учебници, од таму појаснуваат колку е септември олеснет во однос на почетокот на училишната година од пред неколку години.

– Министерството за образование и за наука веќе шест години по ред го спроведува концептот на бесплатно образование, односно бесплатни учебници за сите ученици во основно и во средно образование, за што досега се вложени 35 милиони евра или годишно околу шест милиони евра. И тој концепт ќе продолжи да се спроведува и понатаму, како бенефиција за околу 200.000 родители на 280.000 ученици, кои за разлика од некои други времиња, мораа да плаќаат за секој учебник по 300, 400, 500 денари и повеќе (односно од 100 до 150 евра за комплет учебници), сега тоа е обврска на државата и исто како и обезбедувањето бесплатен превоз за учениците што посетуваат училишта што се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Бесплатниот превоз го организира локалната самоуправа, за што министерството редовно им префрла средства преку дотации.

Учебниците од прво до трето одделение се заменуваат со нови секоја година, бидејќи се работи за таканаречени „работни учебници“ во кои децата пишуваат, цртаат и слично.

Учениците од четврто одделение, па нагоре, имаат обврска на крајот од учебната година да ги вратат учебниците, кои бесплатно ги користеле – појаснуваат од МОН.

Според МОН, особено важно за учениците од основните и од средните училишта е дека од септември ќе биде извршена целосна замена на учебниците по речиси сите предмети. -Значи, не само што ќе бидат заменети тие учебници што се пријавени како најоштетени и употребата им е практично невозможна, туку на целиот тираж по соодветниот предмет. Практично, Министерството за образование и наука ќе изврши печатење на нови учебници од прво до деветто одделение во основно образование и од прва до четврта година во средно образование за кои ги има авторските права, а ќе го набави и потребниот тираж на адаптираните учебници од странство за предметите математика и природни науки, како и работните тетратки за кои не ги поседува авторските права. Во тој дел, исклучок се учебниците по математика и по природни науки во седмо, осмо и во деветто одделение, кои во согласност со акцискиот план за воведување образовниот систем според „Кембриџ“ ќе бидат воведени во септември 2016 година-додаваат од МОН.

За оваа намена, според пресметките, годинава ќе бидат инвестираат околу седум милиони евра во овој проект.

Како друг трошок што одвреме-навреме го празни џебот на родителите се и екскурзиите. Според правилникот за екскурзии, учениците може да одат на екскурзии и излетите може да се организираат најмногу двапати годишно и во траење од еден до три дена. Но, за тоа треба согласност од најмалку 30 проценти од родителите за нивните деца да одат на излет. Наставата во природа за учениците од четврто одделение трае од три до седум дена, а за да одат учениците, потребно е согласност од половина од родителите на децата во одделението. Излетите и екскурзиите ги плаќаат родителите.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 156. број на неделникот „Република“, 28.08.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top