Шеснаесет години по косовската криза, кога Македонија и покрај тоа што на својата територија прими преку 360 илјади Косовари беше прогласена за нехумана земја, а нејзините граѓани и институции по светските медиуми беа третирани како нечовечни, кои немаат ронка разбирање за проблемите на косовските Албанци и Роми, ни се случи истото сценарио. Без никакви сериозни аргументи, со мала помош на политички инструирани творци на јавното мислење кои имаат пристојни односи со европските и со светските медиуми, Македонија повторно беше прогласена за место во кое живеат „неблагодарни луѓе“ , ксенофоби и криминалци кои, во бегалците гледаат само извор на заработка. Сите светски медиуми ги пренесоа сликите од обидот на дел од бегалците да го пробијат полицискиот кордон и информациите за употреба на шок-бомби и лагите за употребен солзавец, врз основа на што и генералната јавност во Европа и во САД, но и врвните политичари, добија слика дека Македонија се изживува со луѓето што избегале од терор. Сите тие заборавија дека Македонија е една од ретките земји, а можеби и единствената европска земја, која експресно го смени своето законодавство за да добијат бегалците похуман третман на патот кон благосостојбата, дека индивидуалци и организации, Црвениот крст, УНХРЦ и државните органи и институции со месеци се трудеа да ги намалат маките на бегалците. Не може да се негира дека како и на сите други места на светов, така и во земјава, има и ѕверови кои сакаат да заработат на човечката мака, како што не може да се негира дека зад негативната генерализација на земјава има други скриени агенди кои не се поврзани само со алчноста и со злото што постои кај поединци, туку се поврзани и со конкретен интерес на компании, влади и групи на интереси.
Нема механизми за брза реакција
Македонија, за жал, од својата независност не успеа да создаде механизми со кои навремено и ефикасно ќе им парира на медиумските машинерии на соседните и на другите европски и неевропски земји кои се активираат секогаш кога ним им е тоа од интерес. Она што се знае јавно, е дека во последниве 25 години земјава има потрошено не повеќе од неколку милиони евра за плаќање на странски компании кои, освен што би работеле за промоција на позитивниот македонски имиџ, би работеле и на создавање на механизми за брза реакција секогаш кога земјата е жртва на нечија кампања за оцрнување. Таа работа не е ниту лесна, ниту евтина и за неа се потребни и сериозни финансиски ресурси и добро обучени и интегрирани луѓе во светот и во земјава, потребна е сериозна координација меѓу државните институции, меѓу дипломатите во светот, странските дипломати овде, туристичките капацитети, бизнисот, рекламните кампањи во странски медиуми како видеоспорот што се емитува на „Си-Ен–Ен“ и другите големи медиуми и платените странски стручњаци, кои не само што можат да го подобрат имиџот на земјава, туку можат и да го спречат негативниот имиџ во странство. Па, така се случи неточната информација дека „полицијата во Гевгелија употребила солзавец“ со часови и денови да биде на насловните страници на стотина светски медиуми, а никој од земјава да не се потруди да ја демантира веста, која, реално дава слика на нечовечност кон бегалците. Македонските дипломатски претставништва кои често работат со намалени човечки ресурси и без речиси никаков буџет за дополнителни трошоци, немаат свои мрежи на новинари како поради неподготвеноста за медиумско вмрежување, така и поради неможноста да поканат некој од големите национални медиумски ѕвезди на ручек. Не дај боже да можат да ги поканат во Македонија на државен трошок. Партиите немаат разбирање ни за националните интереси. Една од причините за лошиот механизам за одговор на кампањи во кои се оцрнува Македонија е непостоењето на консензус меѓу партиите за потребата од трошење пари со кои ќе се создадат „пријатели“ на земјата и ќе се ангажираат луѓе кои имаат можност да се јават во редакциите на „Њујорк тајмс“, „Шпигел“, „Ла Република“ или „Либерасион“ и без кавга и закани и без лош тон ќе ја објаснат вистината за Македонија. Во ситуација кога партиите од македонскиот блок си ги вадат очите за навидум поважни работи, илузорно е да се очекува дека може да дојде до договор за ненапаѓање во ситуација кога една влада троши пари за оваа ставка. Затоа сите се чуваат и можеби заштедуваат некакви суми, но генерално губат на среден рок затоа што една лоша вест или слика пласирана на некој од големите светски медиуми без да биде објаснета и од наша страна, подоцна чини цело богатство. Негативните реперкусии ги чувствуваат и потенцијални инвестициски локации и туризмот, но и целата држава која е нормално да не биде дел од посакуваните дестинации доколку помислите дека таму живеат нехумани луѓе и дивјаци.
Неспоредлив буџет
Македонија не може да се споредува со ниту една од своите соседи кога станува збор за обидот да се игра на глобално поле во финансиска смисла. Дури и ако се исклучи Грција, која, како голем трошаџија во убавите времиња кога ЕУ не вршеше контрола, знаеше да потроши и преку една милијарда евра за промоција на земјата и притоа да има на платен список новинари од светски медиуми, професори од престижни катедри за археологија и историја, актуелни и поранешни политичари, извршни директори на медиумски куќи, да има десетина викендички кои бесплатно ги користеле новинари што сакале да пишуваат за земјата.
Дури и во последниве пет години откако јужниот сосед е на работ на банкрот, во Атина не се откажаа од бенефициите што им се нудат на влијателни луѓе кои можат да влијаат врз донесувањето важни одлуки и на луѓе кои можат да ги канализираат грчките пораки и интереси на јавното мислење во Британија, Германија, Италија, САД, Русија и во други моќни држави. Иако во далеку помал обем, истиот систем го користат и другите наши соседи, со тоа што во Албанија значителен дел од овие механизми се одржуваат и се финансираат од моќната дијаспора која по принцип на посебни проекти поддржува процеси од интерес за албанската држава и за албанската нација. Според неофицијални информации од албанската дијаспора, во процесот на пристапување на Албанија во НАТО, и подоцна во процесот на приближување на Тирана до ЕУ, се собрани преку 100 милиони долари, најголем дел во САД, Швајцарија, Германија и Италија. Огромен дел од оваа сума, покрај донациите за политичари, се потрошени на директно плаќање на влијателни новинари и творци на јавно мислење во земјите каде што се носат или кои влијаат врз донесувањето на крупни стратегиски одлуки. Со овие пари беше плаќан и британскиот поранешен премиер, Тони Блер, кој беше советник на албанската влада за евроинтеграции. Слично е и во Бугарија, Црна Гора и во Србија, каде што, иако со помали средства, се врши обид да се создаде мрежа на влијание во јавноста на стратегиските партнери. Во недостаток на готовински пари понекогаш дел од овие земји во соработка со деловните моќници имаат речиси неисцрпни можности за бесплатно сместување на влијателни западни новинари во најскапи туристички центри. За жал, од она што е јавно достапно како информација, Македонија не користи ниту еден од наведените примери со исклучок на стотина илјади долари или евра, одвреме-навреме, за медиумски кампањи и за лобирање во дел од светските центри на моќ. Во услови на економска криза можеби е исправно да се избере модел во кој спонтаноста, искреноста, правдата, доблеста и чесноста се главни аргументи за да се презентираат потенцијалите на земјата, но ако се суди според туѓите искуства, наскоро овој концепт или ќе се менува или земјата ќе остане без механизми со кои може да им парира на меѓународните лаги и манипулации.
(Текст објавен во 156. број на неделникот Република, 28.08.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо