| четврток, 6 декември 2018 |

Агенцијата за филм потпиша договор за копродукциски проекти со Италија

Во Италијанскиот Павилјон – Сала Тропикана (Хотел Ексцелзиор) во склоп на 72-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, Дарко Башески, директор на Агенцијата за филм на Република Македонија и Никола Борели, генерален директор на Дирекцијата за филм при Министерството за културно наследство и туризам потпишаа Договор за развој на копродукциски проекти помеѓу Италија и Македонија.

Agencija za film 4 (Custom)

Со потпишувањето на овој договор двете земји го поттикнуваат заедничкиот интерес за финансирање на проекти во развој на долгометражни филмови (игран, документарен и анимиран филм) чие сценарио има висок квалитет и  комерцијален потенцијал да ги привлече гледачите од двете земји, како и гледачите од остатокот од светот.

Со овој договор е дефинирано дека при развој на копродукциски проект меѓу двете земји, продуцентот од домашната земја може да аплицира за поддршка според овој договор. Продуцентите мора да работат во согласност со законодавството на Република Македонија и законските регулативи воспоставени од Агенција за филм, како и соодветно со италијанското законодавство и упатствата на Дирекцијата за филм при Министерството за културно наследство и туризам.

Вкупниот буџет за развој на копродукциски проекти помеѓу двете држави е 60.000 евра на годишно ниво, односно по 30.000 евра од секоја земја.

Во рамките на 72-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, филмот „Банат“ во режија на Адриано Валерио, како копродукција помеѓу Италија, Македонија, Романија и Бугарија, на 4 септември (петок) ќе ја има својата официјална премиера.

Филмот „Банат“ е поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија. Дел од овој филм минатата година во тек на дваесетина дена се снимаше во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top