| четврток, 6 декември 2018 |

Тригодишното сиријче ќе биде погребано во родниот град Кобане

Тригодишното удавено дете Ајлан Курди, кое беше исфрлено на брегот во турскиот округ Бодрум, ќе биде погребано во родното место, во сирискиот курдски град Кобане, изјавија претставници на турските власти.

Детето беше меѓу дванаесетмината сириските бегалци, за кои се претпоставува дека загинале оваа недела во обид да стигнат до грчкиот остров Кос.

Фотографиите со тригодишното дете беа објавени од социјалните мрежи и други медиуми и предизвикаа шок во целиот свет.

– Ми се лизна од рацете, изјави таткото на детето Абдулах Курди.

Тој раскажа за ужасните трауми за време на семејното „патување на надежта“ во чамец од турскиот брег до Кос.

За време на патувањето Абдулах Курди ги загубил двете деца, Ајлан и Галип, како и сопругата 27-годишната Захим Курди. Абдулах успеал да се спаси и допливал до турскиот брег.

Тој изјави дека неговото семејство два пати се обидувало да стигне до Кос и оти два пати плаќало за тоа.

– Првиот пат не запре крајбрежната стража. Вториот пат организаторите не го одржаа зборот и не ги доведоа чамците. Поради тоа сами си обезбедивме чамец, истакна тој.

Откако поминале 500 метри од брегот чамецот почнал да се полни со вода. Патниците биле во паника.  – Имавме појаси за спасување, но чамецот се преврте. Ја држев жена ми за раце, а децата едноставно ми слизнаа се од рацете, раскажа Курди.

– Не бев во стостојба да ги слушнам гласовите на моите деца, бидејќи луѓето наоколу врескаа. Се обидов да ги спасам моите момчиња, но не успеав, додаде тој.

Двете загинати деца од семејството Курди и нивната мајка ќе бидат погребани во Кобане, во северна Сирија. Безживотното тело на мајката беше откриено на турскиот брег на оддалеченост од сто метри од нејзините деца.

Фотографијата на тригодишниот Ајлан Курди, која го шокираше светот беше направена од турската новинарка од агенцијата Доган, Нилуфер Демир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top