| четврток, 6 декември 2018 |

Преведувачи ќе помагаат за идентификација на емигранти

Преведувачи помагаат во идентификација на емигрантите при нивното доаѓање и транзитирање низ Западен Балкан. Најавено е воспоставување регионална база на податоци за преведувачи што ги зборуваат ретките јазици што ги користат емигрантите.

Macedonian police officers control departure of the migrants in the train heeding to the Serbian border

Активностите се дел од проектот „Унапредување на процедурите за утврдување на идентитетот на емигрантите“ што го споведува Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) со поддршка на Британската амбасада. 

– Со оглед на тоа дека нелегалната емиграција бара регионален пристап многу ми е мило што можеме преку МАРРИ да дадеме поддршка на овој проект, кој ќе овозможи  создавање заедничка дата база за земјите од регионот за преведувачи  и толкувачи што ги зборуваат ретките јазици, кои често ги користат емигрантите што доаѓаат. Ова ќе помогне и во засилување на капацитетите на националните институции при соочување со овој проблем, изјави британскиот амбасадор во Скопје Чарлс Гарет на денешната работилница за проектот.

Илегалната емиграција, оцени, моментно претставува едно од најклучните прашања  и приоритети со кои  се соочува целиот континент Европа. Ова е меѓународен проблем, кој има многу предизвици што не заобиколуваат ниту една земја  во Европа, вклучително и Западен Балкан  и Македонија,  рече амбасадорот Гарет.

Според него, соочувањето со емиграцијата низ целиот регион на начин кој ќе може да биде ефикасен, ефективен и со задржување на хуманитарните насоки  бара, пред се, соодветна комуникација со луѓето кои патуваат од најразлични краеви.  Во таа насока, појасни британскиот амбасадор,  и овој проект овозможува  создавање база на податоци, која, генерално, ќе ја подобри комуникацијата  и која  ќе може да даде поддршка на процесот на идентификација на емигрантите.

– Иако е мал дел од мозаикот, сепак, мислам дека ќе придонесе кон големата слика на подобрување. Никој од нас поединечно не може да се справи со ова прашање, но колективно можеме да направиме многу – рече  Гарет.

Одговарајќи на новинарско прашање дали проектот е доволен за надминување на проблемот амбасадорот истакна дека тоа е мал дел од целото прашање, но дека, сепак, ќе помогне во неопходниот регионален пристап.

Проектот „Унапредување на процедурите за утврдување на идентитетот на емигрантите“ ќе се спроведува до средината на идната година. Со него, според Тамара Мугоша, директорка на МАРРИ,  ќе им се овозможи на националните надлежни тела учесници во МАРРИ да користат толкувачи за ретки јазици и да споделуваат важни информации.

– Идентификацијата на емигрантите е подеднакво важно во сите извештаи за ова прашање. Забрзувањето на процедурите за идентификација на емигрантите ќе ги забрза и постапките за носење одлуки кога се работи за баратели на азил. Оваа база на податоци ќе придонесе и за зајакнување на капацитетите на мрежата за соработка и прием на нелегални емигранти – рече на отворањето на работилницата Мугоша.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top