| четврток, 6 декември 2018 |

Роберт Алаѓозовски на Третиот културен конгрес на источното партнерство во Лвов, Украина

Роберт Алаѓозовски ќе учествува на еден од најголемите културни настани во Европа, Третиот културен конгрес на источното партнерство, од 04 до 06 септември. Оваа година конгресот за првпат се одржува во Лвов, Украина. Конгресот на некој начин ја пресретнува тековната криза во Украина, и за главна тема ја има мисијата на културата за време на криза. Конгресот го застапува гледиштето дека секоја криза претставува нов почеток, но дека токму културата е таа која ги придвижува нештата напред и создава промислувачки и идентитетски упоришта околу кои се гради целокупниот живот по секоја настаната криза. Темата на кризата ќе се истражува преку седум програмски панели. На нив ќе се разговара за кризата на европските вредности, за стравот во културата и културата на страв, и за силата на културата да предизвикува промени.  Ќе се дебатира на кој начин културата треба најдобро да комуницира со граѓаните. Ќе бидат покриени и темите од културните политики, економијата на културата, креативните дејности и други актуелни европски културни теми. Роберт Алаѓозовски ќе учествува во работната сесија посветена на добри практики на интеграција преку културни проекти, дијаспоричната уметност, новите мобилности во културата и потребата да се надминат анахроните културни идентификации и проекции поврзани со концептите на потекло и припадности. На конгресот учествуваат преку 500 уметници, менаџери во културата, активисти, претставници на разни министерства, локални самоуправи, граѓански организации, новинари, научници од преку 19 земји од Европа. Една од долгорочните цели на конгресот, освен поттикнувањето на соработката и вмрежувањето е создавањето услови за дијалог преку културата и интеграција на разните заедници во општеството. Конгресот ќе биде придружен со многу уметнички содржини и културни настани.

Културниот конгрес е настан кој се одржува биенално од 2011 година, како подршка на процесот на соработка наречен Источно партнерство, покренат од Полска, а поддржан од Чешка и Шведска во 2009 година. Тоа за фокус ги има шесте источни земји од соседството на Европската унија: Украина, Белорусија, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан. Конгресот настојува да ја смени перцепцијата и мисијата на културата во овие земји и да поттикне долгорочна соработка меѓу нив.

Работата на конгресот обично завршува со изготвување заклучоци и препораки за властите и трендсетерите како и одлуки и иницијативи кои се однесуваат на учесниците во конгресот и разните културни платформи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top