| четврток, 6 декември 2018 |

Експертите едногласни: Нема земја во светот каде нелегално прибавени материјали би биле доказ на суд

sud

Основниот суд Скопје 1 ги отфрли  снимките од телефонските разговори и транскриптите, приложени како докази за прислушување, бидејќи биле прибавени на незаконски начин. Опозицијата обвини дека одлуката е противправна, но експертите по право се децидни дека судот работел исклучиво според законот.

Професорот по меѓународно право Александар Даштевски за Тв Алфа вели дека  никаде во светот не може да се покрене судска постапка врз основа на докази до кои се дошло преку нелегален пат.
И адвокатот Љубчо Наумовски на иста линија со професорот Даштевски.  Потенцира дека  нема ништо спорно во судската одлука притоа посочувајќи на членот 12 од законот за кривична постапка кој вели: Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука. 

И опозиционерите правници се категорични дека материјалите на Заев не се докази.

-Кој било просечен обвинител не би помислил објавените снимки да ги користи како доказ, оценува долгогодишниот адвокат Александар Тортевски во изјава за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека и без ова решение, тие докази не можеле да се користат во постапката.

И без ова решение тие докази не можеа да се користат во постапката и на нив не може да се заснова судска пресуда, вели Тортевски.

Правните експерти појаснуваат дека правниот основ по кој се водел македонскиот суд е ист како и во САД и во европските држави.  Според американските закони  доказите на опозицијата би се нарекле „плодови на отровно дрво“  и тие  не може да бидат доказ во ниту една граѓанска, кривична или управна постапка. И законските решенија од Белгија, Кипар, Шпанија, Грција, Исрка, Луксембург, Холандија, Португалија, Малта го  предвидуваат исто, што  и нашиот закон, односно доказите прибавени на противправен начин, не се допуштени во рамки на судска постапка.
И Европскиот суд за човекови права заземал став дека користењето на противправно прибавени докази, особено доказите прибавени со повреда на членот 8 од Конвенцијата кој го гарантира правото на почитување на приватниот живот може да доведе до неправична кривична постапка.
Инаку на изработката на законот за кривична постапка, според кој судот ја носи одлуката, работеа експерти кои важат за блиски до СДСМ. Работната група беше предводена од професорот Калајџиев, за кој се верува дека е еден од советниците на Заев, а дел од групата беше и професорката Гордана Бужаровска која јавноста ја поврзува со опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top