Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи, Арлем Дезир.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, биле разменети мислења за севкупните односи меѓу Република Македонија и Француската Република на билатерално и на мултилатерално ниво, при што беше констатирана потребата од интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа и продлабочување на економските односи.
Во однос на европската и евроатланската перспектива, претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија очекува отворена поддршка за деблокирање на евроинтегративниот процес, што би резултирало со отворање на пристапните преговори со Европската унија.
– Блокадите делуваат демотивирачки, постојано предупредувам на растечките фрустрации во македонското општество. Затоа апелираме до Европската унија билатералните прашања да не бидат пречка за заедничка поддршка и солидарност. Нашите барања се овие два процеси да течат паралелно, или прашањето за името да се решава како последно 35 поглавје од преговорите – истакнал Иванов на средбата.
Државниот секретар Дезир нагласил дека посетата на Македонија е со цел да ја пренесе цврстата определба за помош и поддршка од Франција за Република Македонија и целиот регион во евроатлантските интеграции.
– Неопходно е Република Македонија посветено да работи на исполнување на препораките од Европската комисија, за што сум тука да ве охрабрам – нагласил Дезир.
На средбата биле разменети мислења и за актуелната ситуација со мигрантите. Во таа насока, претседателот Иванов нагласил дека на Република Македонија и е неопходна помош и поддршка за справување со оваа криза, и изразил очекување за соодветен одговор од ЕУ во најскоро време.
Двајцата соговорници, како што е наведено во соопштението, ја истакнале и потребата од натамошна соработка на безбедносните служби и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани