| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа-Милевска: МНТ има одлична програма за оваа година

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Македонскиот народен театар (МНТ), каде во моментов се подготвуваат две претстави „Прекината Одисеја“ и „Мајсторот и Маргарита“.

kanceska.jpg-500

„Прекината Одисеја“ е работниот наслов на театарскиот копродукциски проект меѓу МНТ и театарот „Хелена Моджевска“ од Легнице, кој е еден од петте најзначајни театри во Полска. Режисер е Јацек Гломб, а драматурзи се Загорка Поп Антова Андоновска и Роберт Урбански.

– Во претствата ќе играат 15-тина актери од Македонија и исто толку од Полска. Ова е многу значајна претстава за егзодусот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Претствата се планира да биде завршена следната година, а ќе имаме можност да ја понудиме во рамки на манифестацијата „Вроцлав-европска престолнина на културата за 2016 година“, покрај другите проекти што ќе бидат предложени од Македонија, рече Канческа-Милевска. Таа очекува проектот да има голем успех.

Според неа, овој проект може да биде претставуван и пошироко бидејќи, како што рече, тематиката не поврзува со голем број европски држави.

Министерката за култура погледна и дел од претставата „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, во режија на Иван Поповски, која е во годишната програма на МНТ. Претставата интензивно се подготвува, а премиерата се очекува да биде во втората половина на октомври.

– МНТ има одлична програма за оваа година. Не очекува и премиерата на „Чикаго“, првиот лиценциран мјузикал во Македонија, како и други претстави. Од отворањето на театарот, за неполна година ипол имаме одлични резултати, огромна посетеност, изведени се над 350 претстави и 11 премиери, рече Канческа-Милевска. Потсети дека ја поддржуваат театарската дејност и додае оти во МНТ се одржува и Меѓународниот театарски фестивал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top