| четврток, 6 декември 2018 |

Признанието не му помогна, обвинителството бара смртна казна за Џокерот од Аурора

 Американското обвинителство во Колорадо вчера официјално се произнесе дека бара смртна казна за Џејмс Холмс, обвинет дека во јули минатата година за време на кинопроекција во Аурора уби 12 луѓе и рани 70.

Обвинителот претходно рече дека ќе се советува со семејствата на жртвите пред одлуката за барање смртна казна. Тој на вчерашното рочиште изјави дека биле сослушани вкупно 800 луѓе, меѓу кои преживеани во престрелката, ранети и членови на семејствата на убиените. Тој лично разговарал со 60 од нив, по што решил да бара смртна казна за Холмс.

Минатата недела адвокатите на Холмс соопштија дека нивниот клиент бил подготвен да се изјасни за виновен ако обвинителството отстапи од намерата да бара смртна казна и му одреди доживотен затвор без можност за помилување.

Против него се поднесени 166 обвиненија од кои 12 за убиство со предумисла, а за ранетите обид за убиство со предумисла. Обвинет е и за поседување експлозиви и запалливи материи.

Во Колорадо досега има тројца осудени на смртна казна, но нема извршено егзекуција од 1979 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top