| четврток, 6 декември 2018 |

Руската претседателка на Горниот дом одбиена за американска виза

US-VisaПретседателката на Горниот дом на рускиот Парламент, Валентина Матвиенко, беше принудена да направи видеообраќање на светската конференција на претседатели на парламенти во Њујорк, откако нејзината американска виза не ѝ дозволи да присуствува на настанот.

Матвиенко, која е меѓу лицата на кои САД им наложија санкции по руската анексија на Крим минатата година, планираше да присуствува на Четвртата светска конференција на претседатели на парламенти на земји-учеснички во Интерпарламентарната унија и да учествува на средби во ОН.

Сепак, нејзината американска виза, дадена единствено со цел да присуствува на настани на ОН, не ѝ дозволи да присуствува на конференцијата, иако форумот се одржа во седиштето на ОН.

– Овие дејствија на американските власти се целосно неприфатливи, изјави руското Министерство за надворешни работи. Според руското МНР тие претставуваат сериозно кршење на меѓународното право и се во спротивност со обврските на државите, домаќини на мултилатерални средби.

САД, кои се домаќини на седиштето на ОН, имаат обврска да дозволат на официјални лица да влезат во земјата за цели поврзани со активности на ОН.

Портпаролот на американската амбасада во Москва изјави дека САД го задржуваат правото да ја ограничат важноста на американската виза, само на настани поврзани со ОН.

Конференцијата, организирана од Интерпарламентарната унија, не е официјална средба на ОН. Нејзиниот претседател изрази разочарување од ситуацијата.

Руските политичари реагираа со повик до ОН да го премести седиштето на организацијата во Швајцарија.

Матвиенко изјави дека санкциите на САД врз руски парламентарци се незаконски и грубо ги кршат меѓународното право, принципите на демократијата и слободата на говор, јави ТАСС.

Во своето видеообраќање, Матвиенко предложи учесниците на конференцијата да се изјаснат против наметнувањето на такви санкции врз парламентарците и да не одржуваат меѓународни форуми во држави кои воведуваат незаконски ограничувања за парламентарци кои ги поддржуваат алтернативните политички ставови на Вашингтон.

Матвиенко, исто така, изјави дека кризата со бегалците и мигрантите во Европа, како и растот на терористичката група „Исламска држава“ се резултат на неодговорната политика на голем број западни држави и на нивните сојузници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top