| четврток, 6 декември 2018 |

Возачот од сообраќајката кај „Зебра“ ја призна вината

suzana todorovska pavlova

Сузана Тодоровска-Павловска

 

Oбвинетиот за сообраќајката што се случи кај ТЦ Зебра, во којашто животот го загуби новинарката Сузана Тодоровска-Павловска, на денешното судско рочиште ја призна вината. Тој изрази длабоко каење за она што со сторил.

„Притворот лошо влијае на мене. Изразувам длабоко сочувство и каење за тоа што се случи тој кобен ден. Чувствувам голема душевна болка. Помислата дека одзедов човечки живот ме доведе до психичко растројство. Ми ги уништи сите планови, за да основам семејство со мојата девојка. Наркотиците одзедоа голем дел од мојата младост. Неколку месеци бев чист, но повторно им се вратив“, рече пред судот 37-годишниот скопјанец Блажевски.

Блажевски пред судот изјави дека по несреќата ѝ пружил прва помош на новинарката, но не успеал да ја реанимира.

Обвинителството пак смета дека обвинетиот ја сторил несреќата со умисла поради дејството на алкохол и дрога и големата брзина од 83 км на час со која се движел во центарот на градот. Блажевски со огромна брзина наместо по десната коловозна лента се движел по левата коловозна лента, најверојатно за да претекнува и во еден момент ја изгубил контролата и завртел на левата страна во сервисната уличка каде по тротоар се движела новинарката Павловска. Обвинетиот ја прегазил и преку тревникот, бетонски скали и метална ограда заврши во фризерски салон.

Со оглед дека обвинетиот ја призна вината судот треба да ја одреди висината на казната, но поради некомплетна медицинска документација, која што е дел од доказите на одбраната, судењето ќе продолжи за половина час.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top