| четврток, 6 декември 2018 |

Холандија воведува поригорозни мерки за азилантите

holandija islamХоландија планира наскоро да воведе нови правила, во согласност со кои на барателите на азил ќе им се одбие пристап до храна и до сместување сле само неколку недели, доколку нивното барање за азил биде одбиено, објасни британски „Индепендент“.

„Додека Германија ги отвора вратите за да овозможи поедноставно пристигнување на бегалците, а Франција ја критикува Унгарија поради оградата на границата, холандската Влада оди во сосема друг правец“, наведува весникот.

Од ноември, секој емигрант што нема да добие бегалски статус, ќе биде депортиран за помалку од еден месец.

Во рамките на новите мерки, холандската Влада планира да затвори 30 регионални центри што нудат сместување, бања и храна за азилантите, без оглед на нивниот статус или пријава.

Овие мерки се сметаат како политички обид да се одвлечат гласачите од партијата на Герт Вилдерс, која е позната по антимиграциските ставови.

Само уште две земји во ЕУ имаат слични строги мерки – Финска и Велика Британија, пишува „Индепендент“, додавајќи дека Лондон сака да отиде и чекор понатаму, па да ја укине помошта и за азилантите кои имаат семејство.

Минатата година Холандија примила 18.790 молби за азил, наведува Евростат. Од тој број, 6.240 се одбиени.

Холандскиот премиер Марк Руте ги бранеше новите мерки, истакнувајќи дека е „лудо“ да се понуди безгранична помош на оние кои нема да добијат статус на бегалци.

– Зборуваме за група која може да се врати и чии влади сакаат да ги примат назад, но тие тоа не сакаат да го направат – рече Руте.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top