| четврток, 6 декември 2018 |

Инфраструктурни инвестиции за засилен развој

ekonomija-patista-51-1
Добро развиената инфраструктура е важна за зајакнување на економијата на една држава. Ефективниот транспорт, добрата комуникациска мрежа и поврзаност, создаваат услови од кои бизнисот може да расте и да ја шири економијата на земјата многу поефективно, пишува Лидер.
Целосно нова патна инфраструктура, реконструирани водоводи, нови канализации, пешачки патеки, училишта, градинки, спортски сали и повеќенаменски игралишта. Инвестиции кои привлекуваат нови инвестиции. Изминатиов период сведоци сме дека владата ги исполнува ветувањата кон граѓаните, кои значително им ги подобруваат условите за живот. Владин тим предводен од премиерот Никола Груевски е постојано на терен. Се гради и експресно се решаваат проблемите на граѓаните.

„Не очекува активна и работна есен. Многу проекти се во фаза на реализација и уште многу други ќе започнат да се реализираат во следниот период. Продолжуваме да вложуваме во патиштата, туризмот, спортските објекти, училиштата и градинките, земјоделството, во изградба на водоводни и канализациски системи, во културата, во економијата, индустриските зони, во отворањето на нови работни места и во секое друго поле кое значи подобар живот и поубаво секојдневие за граѓаните“, изјави вчера премиерот Груевски, кој го означи почетокот на градежните работи за реконструкција на регионалниот пат од Нов Дојран до село Николиќ, кој треба да биде завршен за околу шест месеци.

Подобра инфраструктура- поконкурентна економија

За поконкурентна економија се потребни инфраструктурни проекти и подобри патишта. Покрај изградбата на нови автопатски делници, како и модернизацијата на локалните патишта, подеднакво се работи и на подобрување на регионалната патна инфраструктура. Моментално се работи на реконструкција и изградба на околу 50 локални патишта.

„Развојот на патната инфраструктура е од огромно значење за Република Македонија. Инвестициите во нови патишта директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, а тоа значи ангажирање на домашните градежни компании и отворање на нови работи места“, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Секоја година се вложуваат големи средства за подобрување на патната мрежа во државата. Надлежните најавија дека во струмичкиот регион ќе бидат инвестирани околу три милиони евра. Со помош на Владата ќе се реализираат проекти во 36 населени места во струмичкиот регион. Подобри услови за живот ќе имаат жителите во населените места во општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. Премиерот Никола Груевски при посетата на овој регион најави дека Владата ќе продолжи со инвестициите и во овој дел од Македонија.

Во Полог, пак, за инфраструктурни проекти Владата обезбеди поддршка од 4,5 милиони евра. Се работи на инфраструктурни проекти и во Дојранскиот крај, во Мавровскиот, во Дебарско- реканскиот, Кичевскиот… Владата исто така ќе вложи близу 40 милиони евра во 221 проект за рурален развој.

Обновата на локалните патишта продолжува

На терен интензивно се гради. Се подобрува патната инфраструктура на локално ниво. Градежна офанзива има во повеќе региони од земјава. Изминатиот период во Дојранскиот регион е реконструиран регионалниот пат Дојран – Струмица за кој се инвестирани 166 милиони денари, регионалниот пат Дојран – Фурка, инвестиција од 26 милиони денари, а завршен е и локалниот пат за Црничани, инвестиција во вредност од 18 милиони денари.

Интензивно се работи и на инфраструктурни проекти во Полошкиот регион. Во делот на патната инфраструктура во овој регион изминатите три години извршена е изградба, реконструкција и модернизација на над 90 километри локални и регионални патишта за што беа инвестирани повеќе од 11 милиони евра. Само во Тетово изминатата година беа инвестирани 4,5 милиони евра за реконструкција и модернизација на 30 километри локални и регионални патишта.

„Во периодот што следи ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура во Полог. Во идниот период во Тетовско ќе инвестираме повеќе од два милиони евра за реконструкција и надградба на 20 километри пат меѓу кои и надградба на коловозот Тетово – Попова Шапка која ќе започне во мај-јуни, како и рехабилитацијата на регионалниот пат Тетово – Брвеница – Чегране – Гостивар во должина од 16,5 километри, инвестиција вредна 2 милиони евра, реконструкција на овој пат која ќе започне токму ова лето“, изјави премиерот Груевски за време на неодамнешната посета на Тетовско- гостиварскиот регион.

Од друга страна, соседниот Мавровски регион добива нов изглед. Досега целосно реконструиран е патот до селото Сенце, патот Требиште- Велебрдо, патот до Нисторово, како и патот кој води од браната на Мавровско Езеро до Маврови Анови. Во реконструкција на локалниот пат за Скудриње кој се очекува да биде завршен до следниот месец, досега се вложени 40 милиони денари. Истовремено, во насока на промоција и унапредување на туризмот во мавровскиот регион, неодамна во употреба беше пуштена и целосно осветлена и уредена два и пол километарската пешачка патека покрај Мавровското езеро, инвестиција од 8 милиони денари.

Податоците покажуваат дека во изминатите години изградени и реконструирани се над 70 патни правци во општините на западна Македонија. Во овој регион евидентно е дека нема место каде Владата не инвестирала за изградба на патиштата. Ако се има предвид дека во изминатиот период е изграден патот Струга – Дебар, а во моментот се гради автопатот Кичево – Охрид, а почнува реконструкцијата на патот Маврово – Дебар, тоа значи дека се работи на сите најважни регионални правци во западна Македонија.

Инвестициски циклуси во образованието и здравството

Бесплатно образование и учебници, нови училишта и спортски сали, реконструирани училишни објекти, компјутер за секое дете, повисоки плати за наставниците и трансформирани работни односи на околу 8.000 образовни работници. Ова се само дел од успешно реализираните проекти во образованието во изминатите неколку години.

Инвестирани се околу 50 милиони евра за изградба на нови и реконструкција на постоечките училишни објекти. Од 470 училишта, 74 се изградени или во тек на градба, а 395 се реконструирани или во процес на реконструкција. Од ова бенефит ќе имаат 140 илјади ученици и наставен кадар. Изградени се и 47 училишни спортски сали во вредност од 1,4 милијарди денари за спорт и рекреација на повеќе од 40.000 ученици како и 33 спортски сали преку Агенцијата за спорт и млади.

И секторот здравство влегува во инвестициски циклус. Огромен број на проекти се започнати и уште добар дел објекти ќе бидат започнати во наредниот период. Станува збор за инвестиции во здравствената инфраструктура во вредност повеќе од 100 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top