| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ по 15 месеци бојкот се враќа во Собрание – за седење дома секој нивни пратеник досега земал речиси 18.000 евра

sdsmОткако удобно ќе се сместат во собраниската фотелја, на пратениците од опозициската коалиција на трансакциските сметки ќе им легне петнаесеттата по ред пратеничка плата, за септември. Секој пратеник од СДСМ со непојавувавањето на работа во изминатиот период добил околу 60 просечни македонски плати, со оглед на фактот што пратеничката плата изнесува околу 1200 евра, а СДСМ го бојкотираше Собранието повеќе од една година. Иако граѓаните лани во април ги избраа за да бидат глас на народот, 31 од опозициската СДСМ по објавувањето на изборните резултати на изборите минатата година најавија бојкот на законодавниот дом. На сметките на секој пратеник од опозициската СДСМ досега легнале скоро 18.000 евра, а во овој период на бојкот кој трае повеќе од една година од државната каса се потрошиле 770.000 евра, иако тие не беа претставници на граѓаните, за што впрочем им беше дадена доверба, туку со деструктивни политики се обидуваа да го срушат функционирањето на институциите – пишува Вечер.

Но иако уредно не го известиле Собранието за нивното враќање, извори од законодавниот дом за Вечер велат дека опозиционерите се нетрпеливи за да се слушне нивниот глас во Собранието, и дел од нив веќе се прошетале низ собраниските ходници и побарале да ги видат нивните канцеларии. Со оглед на фактот што најголем дел од екипата на СДСМ е непозната за политичката јавност, пратениците неодамна беа на обука во Берово за тоа како да бидат пратеници од 1 септември.

Во меѓувреме лидерот на СДСМ Зоран Заев продолжува со поставувањето услови. Последно, порача дека доколку не биде постигнат договор за специјалниот обвинител, ќе продолжи со објавување на политичките „бомби”. Извори од „Бихаќка„ велат дека во централата повторно се разгледува опцијата за бојкот ако не се исполнат желбите на Заев, кој според истите извори би се случил после 20 септември. Заканите од лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев е дел од фолклорот за кревање на моралот за нивното членство, возврати премиерот Никола Груевски.

– Тоа е дел од фолклорот на Заев кој изминатиот период има тешка задача да го одржи моралот и духот меѓу неговото членство. Како што знаете, во минатото говореше дека за три дена ќе падне Владата. Потоа ја смени изјавата и кажа дека нема да падне за три дена, туку ќе падне за 30 дена, па дека ќе падне за 45 дена, па за 60 дена итн. Во меѓувреме ништо од сите тие работи не се реализира. Сега откако излегоа многу домашни и меѓународно признаени испитувања на јавното мислење и процени на релевантни меѓународни институции за тоа какво е расположението на граѓаните за наредните избори и кому ќе му ја дадат довербата се виде дека граѓаните убедливо и силно ќе ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Груевски.

На Заев, како што рече Груевски, му е потребна нова приказна за да го одржи неговото членство во некаква надеж, а тоа е дека ќе има некакви апсења, дека ќе има обвиненија и дека на тој начин СДСМ ќе добие некаква шанса.
Ќе испиеме кафе со Роза, Солза и со Љубица
– Ќе се поздравиме колегијално како пратеници, но ќе имаме принципиелна поставеност спрема нив, сепак тие се исклучени до партијата – вака портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов ја коментира првата средба со пратеничките Роза Топузова – Каревска, Љубица Буралиева и Солза Грчева, кои спротивно на партиската директива за бојкот, одлучија да се вклучат во работата на Собранието.

Шилегов додава дека целосно и активно ќе се вклучат во работата на Собранието, ќе учествуваат во дискусиите на пленарките и во комисиските расправи, но најмногу ќе се фокусираат на обврските кои произлегуваат од Договорот од Пржино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top