| четврток, 6 декември 2018 |

Народни верувања: Говедар камен – каменот кој ги лекува жените од неплодност

govedarКамен, обичен како и секој камен. Се наоѓа на полето меѓу Свети Николе, Ерџелија и Пеширово. Околу него нивје со жито и други земјоделски култури. Голем е како една соба 4 на 4 метри, висок околу 3м. Велат дека некогаш некој “натчовек” го фрлил од Ѓуриште – 10 километри воздушна линија и тој паднал на местото каде се наоѓа сега. Токму тогаш на тоа место имало добиток, а со нив и човек кој ги чувал – говедар. Паднал каменот врз човекот и врз добитокот и оттогаш го завикале Говедаров камен – пишува Лоза.

Се проширило верувањето дека тој камен ги лекува жените од неплодност и во таа цел, кон каменот се развил култ придружен со пагански, нехристијански обреди. Има различни легенди за тој камен. Во легендите поврзани со Говедар камен се спомнуваат самоиловите војници и некој бајковит цар, кој многу сакал да има машко дете.

Легендата за царот

Многу одамна некој цар имал само ќерки. Затоа, кога царицата повторно забременила, тој пред да замине во војна ~ се заканил, доколку пак му роди женско дете, да не го чека. Царицата родила машко дете, но нејзините дворјанки, во големиот страв го замениле детето, мислејќи дека пак ќе биде женско, со едно циганче. Кога се вратил, царот ја слушнал саканата вест: царицата му родила син. Годините минувале. Несудениот царски син растел и сѐ повеќе ги покажувал особините на својот цигански род. Напоредно, вистинскиот царски син, како цигански посинок, ги чувал селските говеда. Но и тој ги покажувал сите знаци на своето потекло. Ги чувал говедата околу овој камен и се замислувал дека тие се војска, а тој од каменот командува како вистински цар. На царот му станало сомнително однесувањето на лажниот син. Затоа еднаш, заканувајќи се со најлошото, ги натерал дворјанките да ја кажат вистината. Кога ја дознал, веднаш со својата придружба пошол да го бара вистинскиот син. Царот го нашол својот син седнат на каменот. Сакајќи да провери дали навистина говедарчето што седи на каменот е неговиот син, го прашал колку вреди тој како цар, облечен во златни алишта и со сета своја придружба. Говедарчето го погледнало и му рекло: „Што е твоето богатство во однос на еден убав априлски дожд врз ова поле“. Тогаш царот сфатил дека тоа е неговиот син и прегрнувајќи го, ги благословил сите оние што немаат деца да доаѓаат овде и да си најдат лек за својата мака – раскажуваат жителите на Анзибегово, Пеширово, Ерџелија кои секоја година традиционално доаѓаат да го прослават празникот.

govedar-kamen-ovce-poleНа Ѓурговден

Во предвечерието на празникот на св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден, многу луѓе од различни краишта, од христијанската вера но, и од други религи – доаѓаат кај Говедаровиот камен. Млади брачни парови на Ѓурговден бараат лек за својата мака. На овој празник, пред каменот за кој велат дека има чудотворна моќ, секој си замислува желба и се обидува да откорне парче од каменот, бидејќи постои верување дека ако успее, ќе му се оствари посакуваната желба и следната година ќе има новороденче. Меѓу жителите на околните села може да се најдат луѓе кои ќе тврдат дека виделе многу жени како се враќаат со остварена желба да станат мајка.

Ритуал

GovKamen-2-2Овде, секоја жена што нема деца доаѓа кај каменот на Ѓурѓовден ѝ бара кум, кој помага да го изведат традиционалниот ритуал. Кумот на каменот им објаснува на невестата и на момчето како да го сплетат коланот. Младите парови со црвена и со бела волница трипати ја обиколуваат карпата. Невестата се качува на карпата, се мие од водата од врутокот што извира среде карпата. Коланот се плете и потоа кумот ѝ го врзува на половината на невестата. Во него се плете и каменчето што идната мајка го откршува од карпата.

МЕштаните раскажуваат дека белата боја е симбол за ново, црвената за плодност. Жената го носи појасот до наредната година. Ако роди дете, наредната година со новата рожба доаѓа на каменот.Некои носат подароци, најчесто јагне, машко или женско, во зависност какво е детето.

Во манастирчето покрај каменот луѓето што го одржуваат велат дека биле сведоци на многу чудотворни излекувања.

– Сме биле живи сведоци на многу стотици мајки кои не можеле да имаат деца, кои современата медицина ги прогласувала за безнадежни случаи, а другата година се враќале со нова рожба и со среќни лица – раскажуваат клисарите. За нив оваа е света земја, тука доаѓале лекари и гинеколози. Никој, ама баш никој не може да ја објасни чудотворната мистерија на ова место, ова свето поле, оваа света македонска земја – велат тие.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top