| четврток, 6 декември 2018 |

Шведската крајна десница бара референдум за доселувањето

svedska protestiПартијата од крајната десница Шведски демократи кои во неодамнешните анкети првпат добија најголема поддршка од избирачите, побараа во саботата одржување референдум за великодушната доселеничка политика во оваа скандинавска земја.

„Време е Шведска да имаме референдум за нашата политика на доселувањето“, изјави претседателот на партијата Шведски демократи, Џими Акесон, во говорот пред приврзаниците.

Сепак, изгледите за одржување плебисцит се многу слаби, имајќи предвид дека за тоа мора да се изјасни парламентот и од 1922 година одржани се само шест референдуми.

Шведска минатата 2014 година примила 80.000 бегалци, најмногу од сите земји во Европската унија во однос на бројот на населението од 9,7 милиони. Шведска со својот благопријатен социјален систем, со реномето на толерантна земја и здрава економија, е една од главните дестинации на бегалците кои бегаат од војните, диктаторските режими и сиромаштијата.

Акесон оцени дека политиката на отворање на Шведска и на нејзиниот систем за социјална помош го поттикнуваат сегашниот прилив на мигранти во Европа. „Што ги тера луѓето својот и животите на своите деца да ги изложуваат на смртни опасности за да дојдат тука: Мислам дека и премногу попустливата политика на другите партии е причина за многуте несреќни судбини. Таа носи смрт“, изјави Акесон.

Шведските демократи (SD), радикална десница, влегоа во паралментот во 2010 година, благодарејќи на антодоселеничката програма. На парламентарните избори во 2014 година го освои третото место со 12,9 отсто од гласовите и 49 од 349-те пратенички мандати.

Според анкетите на институтот YouGov објавена пред десетина дена, 25,2 отсто од гласачите ќе гласаат за Шведските демократи со што избива пред социјалдемократите на Стефан Лоефвен, кои во анкетата освоија 23,4 отсто. На друга анкета, пак, на институтот Novus, објавена во саботата демократите добиваат 18,6, а социјалдемократите 25,8 отсто.

Меѓутоа, ниедна партија не сака да коалицира со Шведските демократи и не ги прифаќа нејзините ставови за доселениците на кои гледаат како на добредојдена работна сила во земјата чиешто население е сé постаро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top