Фотографии со уништени автомобили, прегазени пешаци и разни сообраќајни несреќи станаа секојдневие, посебно во нашата држава. Но, некаде подалеку од нас, поточно во Шведска, вистинска реткост се вестите за сообраќајки, а уште помалку за загинати луѓе во сообраќајна несреќа.
На што се должи сето тоа? Имено, Швеѓаните имаат усвоено политичка агенда „Vision Zero“ во 1997-ма година чија крајна цел е автомобилски сообраќај без жртви.
Програмата и тоа како дава резултати, затоа што според податоците на Светската здравствена организација, во Шведска во сообраќајни несреќи годишно загинуваат 3 лица на 100 илјади жители. За споредба, во Македонија според последните информации на Светската здравствена организација годишно на 100 илјади жители животот на патиштата го губат 7,9 лица.
Здравјето е пред сè – Најважното начело во сообраќајната политика на Швеѓаните е тоа што здравјето на човекот е пред сите потреби за мобилност на сообраќајот на патиштата. Конечната цел е до 2020-та година, бројот на жртви да биде намален на 0!
Нема брзо возење! – Во споредба со останатите европски земји, ограничувањето на брзината во Шведска е пониско. Според експертите, причината е едноставна – Ако нешто тргне наопаку, помалку ќе боли.
Во превод, на патиштата надвор од населените места ограничувањето на брзината е 80 км/ч, а на автопатите ограничувањето е 120 км/ч, иако ретко кој вози повеќе од 100 км/ч. Шведска исто така е позната по бројот на „замки“ за брзите возачи. Ширум земјата се поставени 1500 камери кои ја контролираат брзината.
Државата нема намера да заработува од казните! – Сè додека возачите го почитуваат ограничувањето на брзината, повеќето камери ја бележат нивната брзина поради статистички податоци.
Ако просечната брзина на движење на некој автопат се зголеми, камерите таму стануваат поактивни, па возачите кои не внимаваат на ограничувањето на брзината ќе добиваат казни сè додека просечната брзина на автопатот не се врати во нормала. Казните велат дека се високи, од 150 до 250 евра.
Секоја несреќа со човечки жртви ја анализираат експерти и настојуваат да утврдат од што е предизвикана. Шведските власти се обидуваат да ги едуцираат возачите, а државата нема намера да заработува од казнувањата.
Во последните неколку години државата многу вложува во патиштата. На пример, на патиштата надвор од населените места, помеѓу лентите, наместо традиционалните бели линии се поставува физичка бариера која што е невозможно да се премине. Оваа мерка го намалила бројот на несреќи за 90 проценти!
Нулта толеранција за алкохол – Секоја петта сообраќајна несреќа во Шведска била предизвикана од алкохолизиран возач. Затоа, 90 илјади автобуси, камиони и такси возила се опремени со апарати за алкохол.
Тоа значи дека возилото не може да се стартува доколку апаратот утврди дека возачот е во алкохолизирана состојба. Дозволената количина на алкохол во крвта е 0,2 промили, а тоа е една чаша пиво!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.