Габичните инфекции на ноктите на нозете и на рацете не се естетски, туку здравствен проблем. Промените на ноктите може да бидат предизвикани од бактериски, габични инфекции или, пак, да бидат одраз на некое друго заболување, како што се кардиоваскуларните, бубрежни заболувања или, пак, заболувања на црниот дроб, вели во интервју за „Република“ д-р Марина Пешевска.
Кои се најчестите проблеми со ноктите со кои се среќавате во секојдневната практика?
ПЕШЕВСКА: Иако на ноктите не им се придава големо значење бидејќи луѓето проблемите повеќе ги сметаат за естетски, отколку за здравствени, во лето има повеќе пациенти. Но, луѓето стануваат посвесни дека станува збор за здравствен проблем и консултираат лекар. Промените на ноктите на нозете може да бидат предизвикани од бактериски, габични инфекции или, пак, да бидат одраз на некое друго заболување, како што се кардиоваскуларните, бубрежни заболувања или, пак, заболувања на црниот дроб. Сепак, можеби 50 отсто од сите заболувања на ноктите на нозете отпаѓаат на габичните инфекции.
Габичната инфекција на ноктите е најчеста, ќе може ли да ги објасните причините зошто се појавува?
ПЕШЕВСКА: Причините може да бидат најразлични видови габи. Најголема група се дерматофити. Тоа се микроорганизми што живеат во површинскиот, рожниот слој на ноктите и се хранат со кератинот, кој, всушност, е структурен протеин на ноктите. Така ги уништуваат ноктите. На второ место се недерматофитите, потоа се квасниците, како што е познатата кандида. За овие микроорганизми прекумерно да се размножат и да предизвикаат болест на ноктот, потребно се некои други фактори на ризик како што се постојано механичко оштетување на ноктите при работа, работа со вода. Кога станува збор за ноктите на нозете, проблем се тесните обувки, зголемено потење и слично. Постојат луѓе што се предиспонирани полесно да добиваат габични инфекции. Тоа се луѓе што имаат намален имунитет и кај нив полесно се накалемуваат габични инфекции, како и луѓето што имаат други болести како што се дијабетичарите. Кај нив има нарушена периферна циркулација – ноктите послабо се хранат и на такви нокти полесно се накалемуваат габични инфекции.
Дали оваа инфекција е почеста кај некои луѓе што се занимаваат со одредена професија?
ПЕШЕВСКА: Кај спортистите има зголеменото потење, долго време се во исти обувки, а ист е случајот и кај професионалните војници. Тие голем дел од денот го минуваат во чизми и кај нив го има тој фактор на зголемено потење, топла и влажна средина. Во оваа група се и луѓе што постојано работат со вода, бармени на пример, лица што работат во кујна.
Како се пренесува габичната инфекција? Кои се, условно кажано, опасните места каде што може да ја добиеме оваа инфекција?
ПЕШЕВСКА: Бидејќи станува збор за инфективно заболување, може да се пренесе преку заедничко користење прибор за сечење нокти, крпи и други предмети за лична употреба. Условно кажано, опасни места може да бидат јавните базени, просторот околу нив, заеднички туш-кабини. Но, сепак, за да настане болест, покрај ова треба да постои некој фактор на ризик, односно да се создаде средина во која се размножуваат габите, односно таа средина е топла и влажна.
Кои се знаците по кои може да препознаеме дали има габична инфекција на ноктите? Како се манифестира?
ПЕШЕВСКА: Ноктите прво ја менуваат бојата. Од розови и проѕирни, стануваат млечнобели, заматени, жолтеникави. Ако се помешаат со габична инфекција, може да станат и зеленикави и кафени. Може да се смени и структурата на нокотот. Од тенок станува здебелен, крут, се рони, има многу непријатна миризба, може да се дели во слоеви. Како што напредува болеста, така се менува и нокотот. Затоа е многу важно кога ќе се забележат првите промени на нокотот да се појде на лекар и да се почне навреме лекувањето. Таков нокот многу полесно се лекува, отколку тие што се во понапредните фази.
Кои се современите методи за третман на габичната инфекција на ноктите? Кои се предностите на овие методи во однос на конвенционалните?
ПЕШЕВСКА: Ако до неодамна за третман на габични инфекции се користеа исклучително орални, односно системски антимикотици, кои знаат да дадат многу негативни ефекти по целиот организам, а најмногу по црниот дроб, во поново време сѐ повеќе се преминува кон локален третман на овие инфекции. Самиот третман зависи од состојбата во која се наоѓа нокотот. Ако е почетна фаза, веднаш се преминува на терапија со локални производи, кои се нанесуваат на ноктот. Ако нокотот е здебелен, се прави претходна подготовка на нокотот, односно се прави хемиска, механичка абразија на тој дел што е здебелен и го отстрануваме. Потоа тој нокот полесно се третира. Најнов пристап е ласерскиот третман на нокотот.
Го споменавте и ласерскиот третман за нокотот. На кој начин дејствува? Дали пристапот е хируршки?
ПЕШЕВСКА: Тоа е сосема безбеден, нехируршки пристап. Механизмот на дејство на новите ласери, кои се блиску до инфрацрвениот спектар, се темели на чувствителноста на габите на топлинска енергија. Наједноставно кажано, овие ласери ја загреваат плочата на нокотот до степен да се уништат габите, а притоа зракот на ласерот е пулсен, место континуиран, како што беше до пред некое време, при што се овозможува во исто време загревање на плочата на нокотот и ладење и колатералното оштетување на околното ткиво е минимално.
Се лекува ли еднаш засекогаш оваа габична инфекција? Какви превентивни мерки треба да се преземат за да се спречи повторна појава на инфекцијата?
ПЕШЕВСКА: Да, се лекува, но многу често се лекува многу долго, посебно ако станува збор за инфекција во напреден стадиум. Кај ноктите на нозете ова лекување може да трае и до една година. Ноктите растат многу бавно. Ноктите на палците на нозете растат еден милиметар месечно кога се здрави, а кога се болни може воопшто да не растат. Третманот трае додека не израсне здрав нокот. Многу често има рецидиви и затоа е многу важна превенцијата и по излекувањето. Важно е да се избегнува, колку што е возможно, трауми на ноктите, да се носат удобни обувки, обувки изработени од природни материјали, кои ќе ѝ овозможат на ногата да се вентилира, да се избегнуваат чорапи од синтетика, да се носат памучни чорапи што апсорбираат влага, ако има зголемено потење да се користи талк, да се менуваат редовно чорапи.
Целото интервју може да го погледнете на овој линк.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
| Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 155. број на неделникот „Република“, 21.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст