| четврток, 6 декември 2018 |

Електрични скутери за скопската администрација

skuter
За 10 денари за поминати 100 километри ќе се вози градската администрација на Скопје. Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ги промовираше петте скутери на батерии кои со едно полнење можат да поминат до 50 километри.

– Градот Скопје го прави првиот практичен чекор кон електро мобилноста со набавката на електричните скутери кои ќе бидат наменети за комуналните редари, инспекторите, надзорот, урбанистите и сите кои имаат потреба од почесто движење низ градот. Емисијата на штетните гасови на скутерите е нула при што придонесуваме за поздрава животна средина, истакна Трајановски.

Полнењето на батериите е четири часа, а за тоа е потребно само извор на струја со класичен приклучок. Трајановски потсети дека има полначи во катната гаража кај Макпетрол „Македонска фаланга“, а за еден месец ќе биде поставен полнач и кај катната гаража „Тодор Александров“ во Центар.

Трајановски информираше дека во тек е постапка за набавка на електрични велосипеди и дека градот добил согласност од советот за набавка на еден електро мобил за кој во текот на септември треба да се распише тендер. Електричните скутери градот го чинеле 750.000 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top