Илјадници луѓе, континенталните Европејци во Велика Британија, како и државјаните на Велика Британија во странство, се толку вознемирени од потенцијалното влијание на излегувањето на Велика Британија од Европската унија врз нивниот живот што почнуваат да аплицираат за втор пасош, покажуваат истражувањата на „Гардијан“.
Едно истражување на интернет-страницата на „Гардијан“ доби повеќе од 1.200 одговори од европските граѓани, а голем дел од нив биле во процес на промена на националноста или на државјанството, или размислуваат да го направат тоа. Многумина изразија загриженост дека без двојно државјанство, доколку Велика Британија излезе од ЕУ, нивниот живот како граѓани на ЕУ во Велика Британија, или како граѓани на Велика Британија во ЕУ, ќе стане многу проблематичен.
Дури и највнимателната екстраполација од истражувањето би укажала дека многу илјадници Европејци преземаат слична акција.
– Најлоша од сѐ е несигурноста – вели Стефани Цимс, германска државјанка, која живее во Единбург.
– Сите зборуваат за излегување на Велика Британија од ЕУ во поглед на економски или политички услови; никој не размислува што би можело тоа да значи лично, за толку многу луѓе. Мојот живот сега е тука. Дали ќе ми треба виза за да го посетам моето семејство? Минимален број поени за да можам да работам? Никој не знае – вели Цимс.
Најголемата грижа на европските доселеници во случај на излегување на Велика Британија од ЕУ е крајот на брзото поминување при пасошка контрола; враќање на работните дозволи за вработените; напуштање на реципрочните договори во јавното здравство; построги ограничувања за студирање и за водење бизнис; можни повисоки даноци за странски сопственици на имот и при парични трансфери меѓу земјите-членки; и третманот на странските пензии.
Всушност, практичните последици од излегувањето на Велика Британија за околу 2,4 милиони граѓани на ЕУ во Велика Британија и за речиси два милиона Британци што се проценува дека живеат на континентот, сѐ уште не се јасни. Процесот на евентуалното излегување на Велика Британија од ЕУ, при што ќе бидат потребни децении за да се средат законодавството и регулативите, најверојатно ќе потрае со години. Но, се чини дека малкумина се подготвени да остават сѐ на случајноста.
Натурализациjата во пораст
Според владини пресметки, натурализацијата на граѓаните на ЕУ, вклучувајќи ги и тие од земјите во Источна Европа, кои пристапија во Унијата во 2004 година, бележи голем пораст во последниве години, од повеќе од 10.000 во 2009 година на нешто повеќе од 18.000 во 2013 година.
Цимс, која дошла во Велика Британија како студентка во 2005 година и има деветгодишна врска со Британец, планира да го додаде своето име кај Британците подоцна оваа година.
– Претходно, се шегував дека ако дојде на власт Партијата за независност на Обединетото Кралство би можела да бидам во неволја… Но, сега навистина не е многу смешно. Ќе полагам тест за добивање британско државјанство најбрзо што можам, а во септември ќе аплицирам за државјанство – вели таа.
Во споредба со процесот во другите членки на ЕУ, здобивањето британско државјанство е скапа работа. Фабрицио Фацино, 44-годишниот електронски инженер од Сицилија, кој се преселил во Бристол со својата сопруга и со двете деца, кои сега имаат девет и шест години, вели дека веќе го положил тестот за британско државјанство кон крајот на 2010 година и дека ќе може да аплицира за државјанство кон крајот на следната година – процес што ќе го чини него и неговото семејство повеќе од 3.500 фунти.
– Не можам да замислам што, всушност, ќе се случи ако Велика Британија излезе од ЕУ. Ова е само за секој случај. Ги гледам колегите од Индија и од другите земји, кои не се членки на ЕУ, низ што сѐ поминуваат за да ги добијат или обновуваат своите доселенички визи… не би сакал и ние да минуваме низ тоа. Ние сме среќни тука. Ги бројам деновите додека најпосле не инвестирам 4.000 фунти за четири комплетно нови пасоши – вели тој.
Некои сметаат дека немаат голем избор. Барт Шидловски, 28-годишен полски инженер за мултимедија, кој дошол во Британија на студии пред девет години, е загрижен дека без да има барем статус на постојан жител, за што ќе аплицира веднаш штом може в година, тој веќе нема да биде сигурен дека ќе може да продолжи да работи таму.
– Но, проблемот е тоа што не сум ни сигурен дека ќе можам да се вратам многу лесно. Живеам тука многу години и не знам дали ќе можам да најдам работа во Полска со мојата струка, сигурно не и работа што ќе ми го овозможи животниот стандард што го имам тука – вели тој.
Шидловски рече дека разговарал со својата долгогодишна девојка, Британка, за можноста за здобивање државјанство преку брак, но вели дека тоа не е добра причина да се стапи во брак, дека тоа е чекор што би го направиле по сопствена волја.
Шидловски вели дека разбира зошто владата на Велика Британија мисли дека е потребно да се одржи референдум.
– Вие си ги гледате вашите интереси. Не може да ги игнорирате мислењето на луѓето – вели тој.
Убедените еврофили, сепак, не се толку сигурни.
– Сето тоа претставува мало отуѓување – вели Викторија Пинонсели, 27-годишна Французинка, кој останала да работи во Лондон по нејзината магистратура и ќе аплицира за постојан престој во Велика Британија. Потоа ќе мора да почека уште една година за да побара двојно државјанство.
– ЕУ не е совршена, но верувам во европскиот проект: Се преселив тука преку Еразмус [Европска програма за размена на студенти] – без документација, без метеж, само со бројче за национално осигурување. Европа се залага за мир, разбирање меѓу народите. Не сум сигурна како би се чувствувала да живеам во земја што го свртела грбот на тоа. Чувствувам малку гнев. Како да сум се качила на погрешен коњ – вели таа.
Не чувствуваат незадоволство само европските доселеници во Велика Британија. Ричард Рид, 35-годишен британски педагог, кој живее тука со својот германски партнер, вели дека го депримираат недостигот од отвореност и од вистинска британска дебатата за ЕУ.
Британските државјани на континентот не се помалку загрижени. Во Франција, Венди Џоинт, пензионирана државна службеничка, вели дека нејзиното членство во француските здравствени услуги, како и примањето британска пензија зависат од договорите на ЕУ.
– Ако Велика Британија излезе од ЕУ, ќе мора да преговара за реципрочни договори со Франција и со другите земји од ЕУ во однос на здравствено осигурување за граѓаните на Велика Британија … Тоа е несигурност – вели таа.
Во Германија, Ребека Сим, уредничка, вели дека останувањето таму по излезот на Британија од ЕУ, може да стане прилично компликувано.
– Од таа причина, но и за да можам да гласам тука, аплицирав за германско државјанство. Мојот сопруг, кој е, исто така, Британец, ќе го направи истото в година, мора да престојувате тука најмалку осум години за да може да аплицирате – вели таа.
Неколку британски испитаници рекоа дека благодарение на потеклото на баба или на дедо, тие го почнале процесот на аплицирање за ирски пасош. И речиси сите што живееле надвор од Велика Британија повеќе од 15 години се малку бесни што не им е дозволено да гласаат на референдумот што би можел да има директно и, можеби, длабоко влијание врз нивниот живот.
Во Шпанија, Џорџина Хоџсон ја сумираше личната загриженост на многу доселеници.
– Целиот мој живот го поминав во Шпанија, бидејќи се преселив тука кога имав 18 години. Си имам кариера, дом и партнер со кого сакам да останам. Уживам во можноста да патувам низ Европа без визи. Ќе биде катастрофално ако Велика Британија ја напушти ЕУ – вели таа.
Џози Силва, млада британска учителка што ќе ѝ се врати на својата работа во училиште во Германија в година, по завршувањето на дополнителните квалификации во Велика Британија, ги изрази чувствата на многумина кога рече дека нема да размисли двапати за да побара двојно државјанство.
– Сакам да бидам дел од глобалната заедница и од отворената визија на ЕУ. Не мислам дека тоа е совршен пример за демократија или за економска стабилност, но принципите што ги претставува за обичниот човек се многу важни. Ако Велика Британија ја напушти ЕУ, се плашам дека тоа, конечно, ќе ја турне земјата во пропаст и во изолација – вели таа.
Што рекоа…
Тине Јухлерт е Данка, која 20 години живее во Велика Британија, но дури сега аплицира за британско државјанство.
– За сите намери и цели, јас сум британски граѓанин. Плаќам даноци, имам хипотека. Ова е мојот дом. Но алармот почна да ѕвони со одлуката на Партијата за независност на Обединетото Кралство. А вистински шок беше кога на еден многу близок пријател од Канада, едноставно, му беше кажано да си ги собере парталите откако ќе заврши со докторските студии – вели таа.
Затоа Јухлерт аплицира за британски пасош.
– Не ми е сеедно, да бидам искрена. Да ги плаќате сите тие пари само за да се приклучите на клубот на кој веќе сте член и веќе уживате во сите негови придобивки. Мислев дека сум ги направила сите работи што требаше да се направи, но не е така – додава таа.
– Но, би можело да се покаже дека алтернативата е вистинска непријатност… визи, дозволи, здравство кога ќе сакаме со сопругот да ја посетиме фамилијата. Не дека ЕУ е совршена: постојат многу работи што може да се сменат. Но, сепак, верувам дека сме посилни заедно. Така што, загрижена сум за референдумот – вели таа.
Самуел Шварцкопф, невролог на Универзитетскиот колеџ во Лондон, често помислувал да аплицира за британско државјанство бидејќи тој првпат дошол во земјата во 1999 година, но, одложувал бидејќи до неодамна Германија не дозволуваше двојно државјанство.
– Сега дозволува за земјите што се членки на ЕУ. Значи, ќе треба да го направам тоа пред одржувањето на референдумот. Но, моментно сум само збунет. Никој не знае што ќе се промени – вели тој.
Шварцкопф рече дека лично не бил премногу загрижен:
– Оженет сум, по пет години во брак се добива дозвола за постојан престој… Не можам да замислам дека би ме избркале. Но, професионално, тоа е друга приказна. Мојата работа е финансирана од дарежлив грант на ЕУ, што ќе морам да го обновам кога заврши по три години. Што ќе се случи тогаш?
Покрај мојата истражувачка програма и многу други ќе страдаат. Британското финансирање за истражувања бележи застој; Поддршката на ЕУ е сѐ уште силна. И народот … Размената на луѓе сега е толку лесна. Имам одлични студенти, постдокторанди, истражувачки асистенти од сите европски земји, но само затоа што се членки на ЕУ – вели тој.
– Државјанството ќе ме направи да се чувствувам поинтегриран. Ќе го засили чувството на припадност. Но … не знам. Ако Велика Британија навистина излезе од ЕУ, тоа би можело да ја промени и мојата иднина. Всушност, би можел само да отидам на некое друго место.
Извор: „Гардијан“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.