| четврток, 6 декември 2018 |

За пет месеци печалбарите испратиле 83 милиони евра

Иако со дознаките до дијаспората главно се гасат социјалните пожари, односно парите добиени на овој начин се користат најмногу за набавување на основните животни производи, како што се храна, облека, лекови или за образование, до 20 отсто од средствата може да бидат достапни за заштеди, инвестиции или за отплата на кредитите за малите бизниси. Тоа од своја страна покажува дека дознаките, освен социјална, можат да имаат и значајна развојна компонента

Печалбарите во првите пет месеци од оваа година во Македонија испратиле 83 милиони евра. Ова се пари од лични трансфери што овде доаѓаат по официјални канали, односно преку банките, па како такви се регистрираат и можат да се пребројат. Овие пресметани дознаки, односно парите што во Македонија ги праќаат иселениците, се во просек околу 4 проценти од вкупниот домашен бруто-производ (БДП) на земјава. Сепак, ова не е конечна сума на влезени пари во земјава од иселениците, односно износот на тие пари е многу поголем, бидејќи големи се износите што влегуваат, а не се бројат, затоа што доаѓаат преку неформални канали, во џебови, по автобуси и преку роднини и пријатели и потоа се разменуваат во менувачници. Ако се пресметаат и овие пари, дознаките во државава достигнуваат до десет проценти од вкупниот БДП. Инаку, Македонија влегува во групата земји-примачи, односно држави кон кои се насочени дознаките од странство, наспроти на пример, Италија, Германија и некои други земји од каде што се одлеваат парите на имигрантите кои работат таму. И Русија, која е класифицирана како европска, а не азиска држава, е на врвот на земјите-испраќачи во регионот.

– Со помалку од десет отсто од европската популација, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина примаат речиси половина (44 отсто) од сите европски одливи – се вели во извештајот „Праќајки пари дома“ на Меѓународниот фонд за земјоделски развој. Во три од овие земји, приливите од дознаките од Европа надминуваат десет отсто од домашниот бруто-производ на соодветните земји. Во Молдавија е највисок, таму дознаките изнесуваат дури 22 отсто од БДП, потоа во Косово (17 отсто), и Босна и Херцеговина (десет отсто). За Македонија процената е многу поскромна – само два отсто од БДП, а двојно повеќе (четири отсто од БДП) доколку се земат вкупните дознаки кои во земјата пристигнуваат од целиот свет. Иако со дознаките до дијаспората, не само кај нас, туку и во светот, главно се гасат социјалните пожари, односно парите добиени на овој начин се користат најмногу за набавување на основните животни производи, како што се храна, облека, лекови или за образование, извештајот покажува дека до 20 отсто од средствата може да бидат достапни за заштеди, инвестиции или да се отплаќаат кредитите за малите бизниси. Тоа од своја страна покажува дека дознаките освен социјална, можат да имаат и значајна развојна компонента.

ekonomija155-2

Инаку, лани во домашниот буџет на семејствата што имаат печалбари надвор од земјава легнале 236 милиони евра. Тоа е официјалната бројка и таа расте од година во година. Во исто време се зголемува и сумата што стасува неофицијално. Во просек, семејствата примаат по 12.000 денари месечно, покажуваат податоците од некои истражувања во земјава. Никој нема дилема дека дознаките се значаен извор на финансии и за државата и за многу македонски семејства. Ги примаат најчесто на месечно ниво и кога ќе има потреба, кога некој роднина или пријател ќе доаѓа во родното огниште. По сто до двесте евра за семејството во Македонија испраќаат месечно гастарбајтерите што од земјава заминале на Запад или во прекуокеанските земји. Иселеници има од целата држава, но најмногу од западниот регион.

– Во Македонија, албанските семејства и семејствата водени од жена добиваат поголеми приливи од дознаки и нивното учество во вкупната потрошувачка е поголемо во споредба со македонските семејства и семејствата водени од маж. Kај сиромашните семејства дознаките учествуваат со 91 процент во вкупната потрошувачка и се значаен извор за намирување на основните потреби – се вели во истражувањето „Миграцијата како социјална заштита: анализа на македонски, албански и српски семејства што примаат дознаки“ изготвено од „Фајнанс тинк“.

Според податоци од Народната банка, секундарниот доход во кој спаѓаат и личните трансфери на семејствата се зголемил од 640 милиони евра во 2003 година до 1,6 милијарда евра во 2014 година, што е зголемување за два и пол пати. Од нив, во 2014 година само личните трансфери изнесуваат 236 милиони евра или три отсто од БДП. Во првите пет месеци од оваа година, пак, личните трансфери изнесуваат 83 милиони евра, што е помалку од минатата година кога за истиот период по оваа основа влегле 107, 7 милиони долари, но сепак дознаките во, главно, се во нагорен тренд. Според динамиката, оваа сума расте во сите години од 2003 наваму, освен во 2013 година кога има извесно намалување во споредба со претходната. Експертите утврдиле дека кризата многу малку, речиси безначајно влијае на сумата што иселениците ја праќаат дома.

– Дознаките се споредливи со приливите од странски директни инвестиции, кои се четири отсто од БДП. Но, за разлика од инвестициите, кои се исклучително чувствителни на промените во економијата и регулативите, дознаките се релативно стабилни. И во периодите по големата економска криза, приливите по основа на дознаки останаа релативно стабилни и претставуваа социјална заштита за семејствата што примаат дознаки – се вели во истражувањето на „Фајнанс тинк“.

Самиот социјален аспект на дознаките е една од најсуштинските карактеристики на трансферите. Истражувањата покажале дека испратените пари имаат улога на социјална заштита за семејствата што примаат дознаки. Се тврди дека семејствата што примаат пари од странство имаат за 27 проценти помала веројатност да бидат сиромашни и за шест отсто поголема веројатност да покажат нулта ранливност од индексот составен од седум парични и непарични показатели за ранливост. Повеќе испитувања, меѓу кои и тие на Народната банка, покажаа дека парите што иселениците ги праќаат дома се користат единствено за задоволување на основните потреби на семејствата што ги примаат. Има и такви што ги собираат, па со нив градат куќи или купуваат станови. Ретко кој со тие пари успеал да направи свој бизнис или да се самовработи. Инаку, со процент од околу четири отсто од БДП со дознаки, Македонија е во групата земји каде што тие се значаен дел од вкупниот домашен бруто-производ.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 155. број на неделникот „Република“, 21.08.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top