Хедонизмот се дефинира како живеење кое се темели на непресушната желба за задоволство. Како етичко учење, пак, хедонизмот го смета задоволството за крајно добро и за основна цел на човековото постоење. Неговото практикување е работа на личен избор, но проблемот настанува кога ќе се конфронтира со класична дволичност. Од една страна се претставуваат како борци за слобода, како револуционери од типот на Че Гевара (лик често користен на протестите), небаре се аскети. Создаваат импресија кај своето членство дека живеат на леб и вода, па затоа не даваат ни денар за некоја благородна цел, не дај Боже хуманитарна, нели? Јавно демантираат каков и да е хедонистички порив, вили, џипови, кирии. Сето било лага. Еден ден на сите ѕвона се жалат за репресија и бараат смена на режимот кој ги гуши и не им дава да земат здив, а друг ден од онаа страна на границата се однесуваат како филмска ѕвезда?! Грчката авантура на Шекеринска, сепак, помогна во разјаснувањето на одредени дилеми. На сите оние кои се мислеа и бараа спојна нишка меѓу лидерскиот двоец на СДСМ, им стана јасно што најмногу ги врзува. Не било уништувањето на партијата, паралелно со штетата кон државата. Не било ниту губењето избори кое и двајцата го почувствуваа додека беа на врвот на партијата, и одделно и заедно. Тој струмичанец, таа скопјанка. Не се ниту родени во иста година. Ги дели и образованието. Тој економист, таа електроинженер. Таа сака џипови и јахти, тој лимузини и вили. Конечно, имаат и нешто заедничко. Многу, многу пари и љубов за имот во Грција. Таа недвижен, тој движен. Мистеријата е разоткриена…
Исплатливоста на политиката и киријата
Радмила Шекеринска е во македонската политика е цели 22 години. Била на десетици високи функции во партијата и во владите на СДСМ. Најизвикани ѝ се вицепремирската функција во владата и претседателската фукција во партијата. Таа е пример за македонскиот сон или во превод, колку политиката може да биде исплатлива. Во комбинација со мажачката и со киријата, нели. Во меѓувреме, Шекеринска стана неславен шампион кај политичарите, сопственик на најголем број афери поврзани со имот, облека, ташни, џипови, кирии, а сега е и неофицијален рекордер во сумата потрошена за одмор. Чантите „луј витон“ и „лансел“ од две до три илјади евра, па и стотиците илјади евра од кириите кои семејството си ги плаќало само на себе, беа поразени од информацијата за неверојатни 2.000 евра од вечер за ноќевање во луксузна вила во Грција. Таман ѝ простија за јахтата поскапа од 100.000 долари, веста за цената на едно ноќевање ја дотепа приказната. Не зборуваме за американски рапер, туку за политичар во земја каде минималецот е под 140 евра. Во превод, некој во Македонија речиси 15 месеци црнчи за оваа сума пари. Друг пак, ги троши за една вечер во Грција. Глисерот останува недостижен сон за 99 проценти од Македонците. И Македонките. Бројките и луксузот на политичарката се својствени за музичките и за филмските ѕвезди. Не македонски, светски…
Радмила и Имелда
Но Шекеринска не е од оваа поп-бранша, туку македонски политичар. Редок вид политичар. Најблиску до неа би била Имелда Маркос, политичарка и сопруга на филипинскиот диктатор Фердинанд. Таа остана позната по колекцијата од неверојатни три илјади чевли, како и по сликите на Гоген, Пикасо, Моне и Микеланџело. Гламурозниот живот на Имелда, сепак, се одвиваше во времето на неговата 20-годишна диктатура. Не во режимот на неговиот противник. Од друга страна, Имелда има и делумно оправдување за хедонизмот. Растела живеејќи во гаража со семејството. Немале пари ниту за еден пар чевли. Дали и македонската Имелда Маркос ги лечи своите комплекси од детството? Не. Доаѓа од ситуирано семејство.
Слабите точки на сдсмовскиот двоец
Парите се спојната нишка на социјалдемократскиот лидерски двоец. Се наоѓаат и во љубовта кон Грција. Лидерот има вила која официјално ја поседува неговиот братучед и која е купена по „багателна“ цена, трипати помалку од реалната. Струмичкиот градоначалник има и автомобил од „само“ 80.000 евра, иако тоа не го спречи да оди пеш во истата таа Грција. Зад него и зад неговото семејство, пак, стојат неверојатни 12 милиони евра. Капитал кој, во најголем дел, е стекнат во време на режимот на Груевски. Понежната лидерска половина, пак, зема стотици илјади евра кирија која си ја плаќа сама на себе за неколку станови. Негираше дека има џип. Викендичката во Маврово била наследство. Чантите, пак, секоја од по неколку илјади евра, сепак, не ги негираше. Ниту тоалетата. Ниту глисерот во Грција. Ниту, пак, сумата за ноќевањето. Во реакцијата, само побара и другите да кажат каде биле на одмор. Немала што да крие. И толку… Пред фактите и боговите молчат. Само едно македонско соросоидно здружение ги проверува. Погрешиле уште од самиот почеток. Фактите се факти. Не се проверуваат…
Станковски: Опозиционери кои трошат ко лордови и шеици
Бадијала е сѐ, кога на избори сиот тој гламур и целата магија им се претвораат во пораз и гротеска, вели уметникот Ацо Станковски. Според него, за 99 проценти од граѓаните ова однесување е несфатливо.
СТАНКОВСКИ: Гледајќи од мојата перспектива на преживувач, кој живее во најиндустрискиот дел од Македонија, во Авткоманда, и кој 15 години не бил на одмор, поточно – секое лето, секоја есен, секоја зима и секоја пролет се занимавал со најтешката можна уметност, наречена преживување, феноменот што го гледам од страна на опозициските момци и нивните галантни одмори во најскапите ресорти во регионот, па и во светот, со восхит воскликнувам: Каква успешност, каква моќ и способност да се заработат пари и да се биде толку безгрижен! И сѐ би било совршено како во некоја холивудска романса со Ме Вест или Кери Грант, доколку протагонистите на овие воодушевувачки луксузирања не би биле политичари, припадници на опозицијата, кои сите овие години наместо да ги споделат своите средства со најсиромашните во државата во чие име жестоко настапуваат барајќи крв и отсечени глави од конкуренцијата на власт и воедно глумејќи лумпенпролетери, тие безмилосно ги арчат „тешко“ заработените пари на одмори достојни за лордови и за шеици. Но, кога ќе дојдат избори, целата нивна магија и гламур се претвораат во пораз и гротеска. Зашто народот гледа. И зашто ретко кој од преживувачите, кои се 99 проценти во државата, може да биде толку забеган како мене или како фамозниот Суперхик, па да им се воодушевува безрезервно на богатите, како да се од Бога дадени. Боже, прости ми што грешам. И додека претседателот на Владата на РМ се бори со стихии, како во Тетовско, и ги арчи најубавите денови од својот живот во друштво на најочајните и најмизерните наши браќа и сестри, правејќи инфраструктура и носејќи инвестиции за подобар живот на овие страдалници, богаташите од СДСМ, македонската плутократија, спојува неспоиви политички идеолошки контексти играјќи си провинциски божества, а ниеднаш ги немам видено да спонзорираат угнетени и понижени луѓе, инвалиди, сираци, спортисти или уметници. Изгледа дека недостатокот на совест е главниот предуслов за уживање во овој, отпаднат од Бога, свет.
Пандов: СДСМ гори, Рада се чешла
Дефинитивно, Шекеринска и Заев мислат дека народот секое утро на станување пие по чашка до две нафта, вели аналитичарот Александар Пандов.
ПАНДОВ: Невозможно е човек поинаку да го разбере нивното однесување. Во ситуација кога устата им е полна со тоа колку се тие репресирани, како во Македонија нема слобода, како луѓето немале за леб, ние гледаме и читаме како во стилот на руските олигарси се расфрлаат со пари, луксуз и со раскош по грчките плажи. Госпоѓата се сместила во вила од 2.000 евра по ноќ, а за шеткање по околните острови секако дека си паркирала и јахта, која, можевме да прочитаме дека чини околу 100.000 евра, секако со грчко знаме на неа. Ова чисто од почитување кон домаќинот! Таа е истата Шекеринска која до пред некој ден ги убедуваше своите сопартијци дека треба да црнчат на асфалтот пред владата на 40 степени, со леб и пипер. Никако не можеме да го тргнеме настрана и фактот дека за неполна година, поточно за неколку месеци, ќе имаме парламентарни избори, а СДСМ нема ни „П“ од програма за тие избори. СДСМ гори, Рада се чешла е работава. Дека ваквиот стил на однесување не им поминува кај Mакедонецот, тоа е веќе јасно, но не можам да се доначудам како сѐ уште ги трпат во нивната партија. Ако во таа партија има и минимален број луѓе со три чисти, одамна требаше да ги набркаат на клоци од седиштето на партијата.
Пред еден месец ни беше достапна последната анкета на ИРИ, од која можевме да разбереме дека ВМРО-ДМНЕ и понатаму има дупло поголема поддршка од СДСМ, вели Пандов, според кого тоа во превод значи дека СДСМ – доколку планира да победи на наредните априлски парламентарни избори треба дупло повеќе да работи на терен со граѓаните.
ПАНДОВ: Но од таа анкета наваму, колку што можеме да забележиме, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од својата локомотива, Никола Груевски, дење-ноќе се на терен за да ги проверат, засилат или да ги завршат проектите од програмата кои им ги ветиле на граѓаните и во исто време да ги слушнат проблемите и маките на луѓето, за кои, пак, или веднаш се презема акција за нивно решавање или се оставаат како проекти за наредната изборна програма. Што имаме од другата страна? Од другата страна гледаме фотографии на кои сдсмовската елита си ужива по прескапи јахти и вили во соседна Грција, а оние, пак, партиски првенци кои се оставени тука да дежураат во нивно име од типот на Најчевска, не бираат зборови како повулгарно да го навредат сопствениот народ. Во исто време, додека слушаме дека ВМРО подготвува досега најголема и најсеопфатна програма, програма која ќе го допре секој граѓанин, како и досега, и обичниот човек да може да го почувствува благодатот на проектите од програмата, во СДСМ се говори дека единственото нешто за што се расправаат е кој на која функција да биде. Ако по утрото се познава денот, веќе на секого му е јасно каков резултат ќе гледаме на наредните избори.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 155. број на неделникот „Република“, 21.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.