| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорчепетровци горди со својот олимпиец Марко Блажевски

blazevski

Градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски го прими 23-годишниот ѓорчепетровец Марко Блажевски, кој е повеќекратен македонски пливачки рекордер во повеќе дисциплини.

Блажевски следната година, како што е наведено во соопштението од општина Ѓорче Петров, ќе патува на Олимпијадата во Рио де Жанеиро во Бразил, како член на Македонската олимписка експедиција, кој прв од нашите спортисти ја исполни олимписката норма за учество. Блажевски ќе се натпреварува на патеката 200 и 400 метри мешано. Неговиот личен и македонски рекорд на 200 метри мешано е 2 минути и 2 секунди и со овој рекорд обезбеди норма за учество на Олимписките игри-2016.

Блажевски основно училиште заврши во ООУ„ Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров, а средно и високо образование заврши во САД, каде што и тренира во СВИММАК заедно со повеќекратниот олимписки и светски првак Рајан Локте.

– Тренираме напорно во одлична атмосфера. Мислам дека со ова темпо на тренинзи ќе го надминам својот личен рекорд и достоинствено ќе ја претставувам својата земја на игрите. Самото учество на Олимписките игри за мене е голем успех. Пресреќен сум. На Олимпијадата до година ќе дадам се од себе. Инаку сум член на ПК „Вардар“ од Скопје“, вели Блажевски.

Општината Ѓорче Петров финансиски ќе го поддржи овој наш шампион. – Да се има учесник на Олимписки игри е голема чест и за Блажевски и за Ѓорче Петров и за Македонија, стои во соопштението од општината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top