Новинарот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи во вторникот вечер на 26 март, речиси три и пол часа минал возејќи се со својот „мерцедес“ на автопатот од Скопје до Велес и назад, делница што ја минал двапати од моментот кога излегол од дома, сѐ до трагичниот миг кога се случила сообраќајната несреќа. Од засега неутврдени причини, Младенов, всушност, направил два круга од Скопје до Велес. Тоа може да се утврди од четирите белешки – фискални сметки од патарините „Сопот“ и „Отовица“, од двете страни на автопатот Скопје – Велес – Скопје, во непосредна близина на Велешко Езеро, до кои „Нова Македонија“ дојде по сопствена истрага.
По малкуте детали објавени за трагичната сообраќајка, од судот, обвинителството, полицијата и од судска медицина, екипа на „Нова Македонија“ во саботата беше на местото каде што загина Младенов и се обиде да направи своја реконструкција на настанот.
На необезбедениот терен, на клучката кај Хиподром, при влезот во Скопје, најдовме важни детали за кои сметаме дека се од суштествено значење за утврдување на вистината. Во грмушките, меѓу дрвјата, од каде што во средата околу 20 часот беше извлечено возилото „мерцедес“, пронајдовме фискални сметки од патарини расфрлани на четири страни.

Од тоа што се гледа од фискалните сметки, Младенов во 20.49 часот бил на наплатната рампа „Сопот“, на автопатот Скопје – Велес, што се наоѓа непосредно до Велешко Езеро. Тоа кореспондира со изјавата на членови на семејството дека тој околу 20 часот излегол од дома, како и со информациите од истрагата дека Младенов првата патарина на автопатот Скопје – Велес ја минал околу 20.30 минути.
Дваесет и една минута подоцна од минувањето на наплатната рампа „Сопот“, во 21.10 часот, „мерцедесот“ ја минал наплатната рампа „Отовица“. Тоа е рампата што се наоѓа од другата страна на езерото, на автопатот од Велес кон Скопје, што значи дека тој само направил круг. Во 22.04 часот „мерцедесот“ на Младенов вторпат бил на „Сопот“, а во 22.50 минути повторно минал преку „Отовица“, враќајќи се назад кон Скопје. Но, за жал, никогаш не стигна.
„Нова Македонија“ ќе ги предаде фискалните сметки од патарините на официјалната истрага за несреќата за расветлување на трагедијата.
Две важни прашања произлегуваат од фискалните сметки од патарините што ги пронајде „Нова Македонија“. Првото е разликата во времето што „мерцедесот“ на Младенов го минал првиот пат од наплатната рампа „Сопот“ до „Отовица“, а тоа изнесува 21 минута (од 20.49 до 21.10 часот) и вториот пат, 46 минути (од 22.04 до 22.50 часот). Тоа значи дека вториот круг Младенов го направил 25 минути подолго. Дали возел побавно или во меѓувреме некаде запрел – во регионот на Велешко Езеро или во Велес за да се одмори или поради нешто друго – од фактографските податоци, односно од белешките од патарините, не може да се утврди.
Второто прашање е зошто Младенов воопшто тргнал на патување за да сврти два круга со „мерцедесот“ по автопатот Скопје – Велес – Скопје? Засега единственото објаснување е дека, според сознанија од неговите блиски пријатели, тој и порано имал обичај да се вози сам на автопатот, едноставно за да се „издува“.
Инаку, веќе е познато дека на клучката кај Хиподром, на само стотина метри од местото каде што се дели патот за Скопје и за обиколницата (Скопје – Исток) кон Тетово и Приштина, „мерцедесот“ излета од патот и заврши во бездната.
Четири дена по несреќата, крај автопатот Е-75, десетина километри од влезот во Скопје, на местото на несреќата сѐ уште стоеја расфрлани делови од „мерцедесот“ на Никола Младенов со сребрена металик боја. Делови од калници и од браници имаше наоколу, но и парчиња од бандажи, од контролната табла, скршен амортизер, рачки од вратите и остатоци од фаровите. Имаше и весници, неколку броеви на белградска „Политика“ и на загрепски „Глобус“, еден дури беше закачен горе на дрвото, потоа две кутии цигари „ронхил“, какви што пушел Младенов и десетденарка.
„Браздата“ што се протегаше од горе, од оградата, па дваесетина метри удолу по патот, направена со предното лево тркало немо сведочеше за движењето на возилото. Пребарувавме сѐ по ред и малку по малку на наш начин ги сложувавме коцките од мозаикот за тоа што се случувало кобната ноќ, во критичното време, според нашите претпоставки во 23.35 часот.
На местото каде што запрел „мерцедесот“ пронајдовме една сметка од платена патарина. Десно од неа имаше уште една. Истражните органи при увидот не ги пронашле оти тие, најверојатно, биле под автомобилот. Да потсетиме дека автомобилот беше извлечен вечерта во средата, а истражителите не забележале во ноќта дека под возилото има уште докази. Потаму, среде грмушка, најдовме уште две фискални сметки – белешки од патарините.
Инаку, засега сѐ уште нема факти како дошло до сообраќајната несреќа, и за тоа одговор треба да даде истрагата, која е во тек. Но од она што го регистриравме на теренот, „мерцедесот“ најверојатно удрил во бетонската ограда крај левата коловозна лента и за тоа доказ се трагите од гуми што се гледаат на оградата. По ударот, возилото со левата страна, односно со вратата од кај возачот, ја допрело оградата и се поткренало на десната стана, потоа преминало на другата страна од автопатот и удрило во металната ограда. „Мерцедесот“ откорнал дел од неа и ја влечел удолу во провалијата. Потоа движејќи се удрил во земјата, а на крајот се превртел неколкупати, прелетал преку дрвјата и завршил зад нив на повеќе од стотина метри од патот.
Според нашите непотврдени информации, сѐ се случувало по 23 часот (најверојатно околу 23.35 ч.) при брзина од најмалку 140 километри на час. Тоа било времето што било „запишано“ на контролната табла, а стрелката од километражата на автомобилот била закочена. Сметањето на времето и мерењето на брзината запреле кога под притисок од ударот од возилото излетал акумулаторот и на тој начин била пресечена работата на електрониката.
Истражните органи не откриваат детали за причините за сообраќајната несреќа во која загина сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов.
Од Судска медицина информираа дека завршиле со обдукцијата на телото на кое биле утврдени голем број повреди, кои биле добиени од силниот удар. Дополнително, ни рекоа, ќе ги анализирааат примероците од крв, а за повеќе детали нѐ упатија кај истражниот судија во Основниот суд Скопје. Од судот, пак, велат дека нема да излезат со официјални информации сѐ додека не заврши вештачењето на автомобилот, по што ќе се утврдуваат причините за несреќата.
Целосниот текст е објавен во „Нова Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


