| четврток, 6 декември 2018 |

„Васил Хаџиманов бенд“ настапи во Велес

Hadzimanov 06 (Custom)

 На сцената на амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес синоќа концерт одржа белградската џез група „Васил Хаџиманов бенд“. На концертот беше промовиран петтиот студиски албум на составот „Can you dig it?“, издаден во 2013 година, на кој има осум авторски нумери и една преработка на македонската „Марика мома убава“.

Концертот траеше повеќе од два часа. Фронтменот на бендот, Васил Хаџиманов има македонски корени. Тој е син на Зафир Хаџиманов и Сенка, а внук на Васил Хаџиманов, по кого го добил и името.

– Кога отидов да студирам во САД, на 19 години се заљубив во американската џез музика и тогаш сфатив колку ми недостасуваша нашата музика од една страна, а од друга страна поради гените и музичките корени на моето семејство и затоа што сум роден тука, посебно за македонската музика која ја ставам на врвот во однос на останатите балкански земји. И тоа ми се се случи во 90-тите години и токму тогаш настана и песната „Охрид“ и уште некои други.Во секој случај тогаш сфатив дека таа наша џез музика на бендот треба да има балкански звук, а бидејќи најинтимно сум поврзан со Македонија, тогаш разбрливи е што нашиот бенд најмногу свири џез со преработена македонска музика, рече Хаџиманов.

Шестиот албум на групата ќе излезе оваа есен. Тоа е прв албум кој е снимен во живо.

– Овој албум е најблиску до тоа што се случува на концертите во живо, што е наш најголем адут бидејќи настапите во живо се карактеристика за овој бенд. Среќен сум и затоа што снимивме еден сјаен материјал со специјален гостин од Њујорк, Дејвид Бинис, успешен и популарен џез саксофонист, кој на овој албум го имаме со нашиот бенд, потенцира Хаџиманов.

Тој додаде дека со Зафир одржале два концерти во Белград и Нови Сад. Зафир Хаџиманов, како што рече, се посвети повеќе на театарот, односно на мјузиклот и веќе 15 години е ѕвезда во мјузиклите.

Ова е шести концерт на „Васил Хаџиманов бенд“, а прв во Македонија. Досега имале концерти во Требиње, Мостар, Макарска, Пула и Нови Сад. По Велес ќе настапат во Битола и Скопје во клубот „Цреша“.

Настапот на „Васил Хаџиманов бенд“ во Велес беше во рамките на годинашната културна манифестација „Велес-Град на културата 2015“, поддржан од Министерството за култура и општина Велес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top