Од железничка станица информираа дека утрово во 5 чаот и 30 минути кон Табановце заминал воз со околу 500 мигранти. Следниот воз кон Табановце, кој од Гевгелија тргна со мало задоцнување околу 10 часот и 30 минути го чекаа уште 700 мигранти. Нов воз од Гевгелија за Табановце ќе има денеска во 17 часот. Во текот на вчерашниот ден со три редовни и две вонредни линии, по железнички пат до Табановце биле транспортирани околу 1.500 мигранти.
Во моментов просторот околу транспортниот центар во Гевгелија е рачистен од вчерашниот хаос, но според проценка на претставниците од УНХЦР, голем е бројот на мигранти кои чекаат влез во земјава и транспорт кон Србија.
Екипите на Црвениот крст вчера интервенирале околу 200 пати, а невладите организации поделиле повеќе од 2.000 пакети со храна и вода.
Полицискиот кордон кој вчера попладне беше пробиен од мигрантите кои се наоѓаат во пограничниот појас на грчко-македонската граница, како што синоќа во Гевгелија изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков, не беше поставен со цел да ја затвори јужната граница со Грција, туку напротив со цел на поорганизиран и редуциран начин да се пропуштаат дел од мигрантите и да се врши соодветен трансфер до местата за регистрација и за јавен превоз.
– Практично тоа беа планирани мерки и активности во контекст на оние две комплементарни цели кои си ги поставивме како Влада на Република Македонија. Примарната цел е хуманитарен пристап или соодветно хуманитарно згрижување на мигрантите за што сведочи и бројката на мигранти кои во текот на вчерашниот ден и од сабајле се трансферирани од граничен камен 59 до железничката станица во Гевгелија, каде што беа регистрирани и примарно згрижени околу 900 мигранти, претежно жени и деца како ранливи категории, рече синоќа министерот Чавков.
Вториот аспект е безбедносниот, кој, како што истакна, е неопходно потребен во контекст на мерките и активностите што ги презема Владата за заштита пред се на граѓаните во Гевгелија.
Во оваа прилика, тој ги повика граѓаните на Гевгелија да бидат смирени, притоа упатувајќи уверување дека на соодветен начин и со соодветен пристап ќе се успее да се амортизираат проблемите кои се наметнуваат од вчера.
Министерот Чавков укажа на фактот дека Македонија делува самостојно без никакво содејство од која било држава од ЕУ, а најмалку од страната на Грција. – И понатаму продолжува трендот на неконтролиран трансфер на мигранти од Грција спрема Македонија. Тоа е основната и главната причина да не можеме на соодветен начин да одговориме на тој неконтролиран трансфер. Неопходна е потреба од координација со грчките полициски структури – рече Чавков.
Тој информира дека се подготвува една парцела која од државата е утврдена како парцела на која ќе треба да се врши регистрација на мигрантите. – Интенцијата ќе биде во близина на грчката граница да се создадат претпоставки и да се развијат капацитети за регистрација и за трансфер во јавниот превоз. На тој начин сакаме да ја амортизираме состојбата во Гевгелија и таму да обезбедиме нормален живот, а мигрантите да ги трансферираме во тој правец – истакна министерот Митко Чавков синоќа во Гевгелија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)
-
Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти