| четврток, 6 декември 2018 |

Координативен состанок во Гевгелија за состојбата со мигрантите

migranti-25Со поддршка од Владата на РМ и надлежните државни органи, дел од барањата на општина Гевгелија во врска со проблемите предизвикани од бегалската криза веќе се ефектуираат. Ова, како што информираат од Општина Гевгелија, го истакнал градоначалникот Иван Франгов на синоќешниот координативен состанок со претставниците на УНХЦР, Меѓународниот црвен крст и повеќе невладини организации и здруженија кои се вклучени во активностите за справување со бегалската криза на јужната граница.

frangov– Бројот на превозните средства за транспорт на бегалците кон северната граница е зголемен. Процесот за регистрација на бегалците се забрзува, а со зголемениот надзор над границата и контролираното пропуштање на бегалците во земјата целиот простор на железничката и автобуката станица повторно е функционален, нагласи Франгов.

Што се однесува до барањето на општина Гевгелија за уредување нов прифатен пункт во близина на поранешните објекти на ,,Винојуг“ Франгов информирал дека се почнати активности за расчистување на локацијата и за инсталирање водоснабдителен систем и дека со спонзорство од ЕВН ќе се обезбеди електричен приклучок.

Општината е подготвена да постави и платформа крај железничката пруга за полесно влегување на мигрантите во возовите. Од претставниците на УНХЦР беше најавено дека по инфраструктурното уредување на просторот веднаш ќе се направи план на активности за негово опремување.

Здружението на граѓани „Млади правници“ вети помош од 15 свои членови кои ќе се вклучат во процесот на регистрација на мигрантите. Црвениот крст информира дека магацинот континуирано се снабдува со донации од храна и вода и дека дневно се дитрибуираат од 1.000 до 1.500 пакети со храна и вода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top