Нафтените пазари се најдоа под притисок во петокот од новите слаби податоци од Кина, кои ја поттикнуваат загриженоста за здравјето на најголемиот потрошувач на енергија на светот, при што надолниот тренд во САД е на добар пат да се протегне и осма недела по ред, најдолг период од 1986 година.
На лондонскиот пазар цената на барелот падна 30 центи во однос на претходното затворање, на 46,32 долари. На американскиот пазар се тргува по 25 центи пониска цена, од 41,07 долари, откако во четвртокот накратко допре најниско ниво од март 2009 година, од 40,21 долари.
Активностите во кинеската индустрија забележаа во август најсилен пад за речиси шест ипол години, поради остриот пад на домашната и странска побарувачка, што ги поттикна стравувањата за намалување на потрошувачката на нафта во вториот по големина светски потрошувач.
-Цената е под притисок на континуираното обилно снабдување, со натрупани залихи и рекордно производство на OPEC- констатира Мајкл Полсен од Global Risk management.
-Паралелно јакне стравувањето од забавување на растот во Кина- напоменува аналитичарот.
-Пазарот заглави во непопустлив надолен тренд- додава Робин Бибер од лондонски PVM Oil Associates.
Американскиот пазар е на добар пат осма недела по ред да заклучи во минус, што би бил најдолг периодот на пад на цените од 1986 година, напоменува Reuters.
Надолниот тренд донекаде го запре слабиот долар, кој ја зајакнува куповната моќ на оние кои поседуваат други валути и ја поттикнува побарувачката за нафта.
Одделно OPEC објави дека цената на барел негова нафта во четвртокот изнесувала 44,13 долари, што значи дека била за 1,26 долари пониска во однос на претходниот ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.