| четврток, 6 декември 2018 |

Место благословено од богот на сонцето – Родос

Според античкиот мит, богот на сонцето Хелиос, одушевен од убавината на островот, дал вечен благослов дека тука секогаш ќе свети сонце и дека вечно ќе цутат ружи. Така, со дури 340 сончеви денови годишно, Родос го добива епитетот остров на сонцето и на ружите

На крстосницата од главните морски патишта, меѓу Егејско Море и брегот на Мала Азија, на местото каде што се сретнувале големите цивилизации на Европа, Блискиот Исток и Африка, се сместил еден од најголемите и најпосетувани грчки острови – Родос. Тоа е волшебно место со фасцинантна убавина. Го нарекуваат и музеј на отворено бидејќи на секој чекор се чувствува влијанието на различните култури, јазици и архитектонски стилови.

Во античкото време го сметале за остров на грчкиот бог на сонцето Хелиос. Според античкиот мит, ова место го добило името по нимфата Рода, која го родила островот во љубовната врска со Хелиос. Името рода го носи и еден вид на хибискус што расте на островот. Богот на сонцето, одушевен од неговата убавина, дал вечен благослов дека тука секогаш ќе свети сонце и дека вечно ќе цутат рози. Така, со дури 340 сончеви денови годишно, Родос го добива епитетот остров на сонцето и на розите.

rodos-grcija-2

Сведоштва за богата историја и за уникатна убавина

Најдобар избор за патување до Родос е авионскиот превоз. Туристичките агенции најчесто нудат аранжмани со вклучени чартер-летови и сместување на островот, кои во летниот период се најевтини на почетокот на јуни и на септември и чинат околу 425 евра. Но, и да не се решите за аранжман преку туристичка агенција, на Родос има разновидна понуда на хотели и на хостели.

Со оглед на тоа дека туристите ретко се решаваат да патуваат со автомобил до Родос, многу се распространети агенциите за изнајмување возила. Исто така, на Родос сообраќаат неколку автобуски линии од јавниот превоз, кои за само неколку евра ќе ве однесат на кое било место на островот. Ова не е лоша опција за превоз за тие што сакаат да посетат повеќе места на овој остров. Тој е оддалечен на само дваесетина километри од турскиот брег, па со дневните факултативни излети можат да го посетат и туристите во Турција.

rodos-grcija-3

Родос го красат зимзелена шума со борови и со чемпрес и градини од кои опиваат мириси од ретки видови билки, јужно овошје, хибискус… Во островската престолнина Родос за долгата и богата историја на островот сведочат раскошни музеи. Во стариот дел од градот доминира познатата Палата на витезите, која ја изградиле малтешките витези што живееле на островот. Градот е познат и по гигантската статуа Колосот од Родос, која е симбол на единството на жителите што го населувале островот и воедно е едно од седумте светски чуда.

До денешен ден овде се внимателно сочувани споменици на големите царства: древни градби, витешки палати, турски џамии, византиски цркви, грчки православни храмови итн.

Тесните улички со калдрма во стариот град, заградени со масивни ѕидини, вријат од туристи. Тука се продаваат сувенири, злато и крзно како на типичен турски пазар, па така не многу оддалечениот турски брег се чини уште поблиску.

rodos-grcija-4

Остров на пеперугите

Покрај другите имиња, Родос има уште едно – остров на пеперугите. Иако богатата вегетација не е карактеристична за островот, постои една тивка шумска долина, која е посебно пријатна во жешките летни денови. Тоа е Долината на Пеперугите, мала, темна и тесна, со густи растенија, каде што тече поток што формира езерца и водопади. Во оваа долина за време на летните месеци се пари посебен ендемски вид пеперуги, квадрини, кој живее само на Родос.

Забрането е да се вреви, за пеперугите да не се вознемират. Најдобро време за разгледување е од јуни до септември, кога ги има во голем број, а глетката е прекрасна.

Тие што сакаат да уживаат во беспрекорна убавина задолжително треба го посетат и Линдос, едно од најубавите места на островот. Во близина е волшебниот залив Апостол Павле во кој тој пристигнал во првиот век од новата ера за да го шири христијанството на Родос. На белите куќи со рамни покриви вистински украс се изрезбаните влезни врати уште од 17 и од 18 век, кои ги граделе богатите капетани. Уличките со прекрасни подни мозаици од морски каменчиња се карактеристични само за групата острови на кои припаѓа и Родос, Додекани.

Освен прекрасните плажи и кристално чистата вода, кои добиваат највисоки оценки, не пропуштајте да се запознаете со културно-историското наследство на островот. Пробајте го домашното вино, локалниот пијалак „соима“, кој се прави од грозје, како и посебниот вид мед. Природната убавина на островот, трагите од долгата и бурна историја, како и одличната туристичка инфраструктура, ниеден посетител не го оставаат рамнодушен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top