| четврток, 6 декември 2018 |

Пјонгјанг размести ракети на источното крајбрежје

кореја

Вооружените сили на Северна Кореја денеска долж источното крајбрежје на земјата разместија ракети со мал досег, информира јужнокорејската агенција Јонхап, пренесе ТАСС.

Северна Кореја одби да го прифати и  повикот на јужнокорејското Министерство за одбрана да ја преземе одговорноста за неодамнешните воени провокации и да се извини за нив, соопшти денеска на брифинг во Сеул портпаролот на јужнокорејското Министерство за национално обединување.

Северна Кореја вчера му даде 48-часовен ултиматум на Сеул за запирање на пропагандната кампања со мегафони, разместени во демилитаризираната зона. Генералштабот на севернокорејската армија се закани дека во спротивен случај ќе почне со воени дејствија.

Според портпаролот, јужнокорејскиот министер за национално обединување Хон Јон-пу во соопштението со кое се отфрла повикот на Северна Кореја, вели дека „емитувањето на (пропагандните) пораки кон Северот е адекватен одговор на предизвиканите експлозии на севернокорејските мини во демилитаризираната зона“ и дека Сеул соодветно „ќе даде цврст одговор на провокациите на Пјонгјанг“.

-Доколку Северна Кореја навистина сака да се реши проблемот, таа треба да ја преземе одговорноста и да се извини за последните провокации – додаде министерот Јон-пу.

Ситуацијата на Корејскиот полуостров од вчера суштински е заострена. Двете Кореји вчера си разменија артилериски оган во западниот дел од демилитаризираната зона.

Според Сеул, со огнот прв „си поиграл“ Северот, гаѓајќи ги мегафоните, што Јужнокорејците ги користат за пропагандната кампања против Пјонгајнг. По 11-годишен прекин Сеул го обнови емитувањето на пропагандни пораки како одговор на експлозијата во демилитаризираната зона, во која беа ранети двајца јужнокорејски војници. Истрагата покажа дека трите експлодирани мини се од севернокорејско производство и дека неодамна биле подметнати долж маршрутата на јужнокорејските патроли.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нареди денеска до 17 часот по локално време севернокорејската армија да се доведе до состојба на целосна борбена готовност, претходно соопшти агенцијат Кјодо, цитирана од ТАСС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top