На само десет месеци од одбележувањето на еден век од најголемата трагедија на македонскиот народ, сеништата на соседите оживеаа и повторно исто како тогаш се обидуваат да докажат дека Македонија е нивна или дека дека не „спасиле“ од вековното турско владеење. Поразително е дека скоро ништо не сменило од тогаш. Како време да запрело, само што сеништата сега имаат еден трн во окото, кој никако не можат да извадат – постоењето на македонска држава, нешто што тогаш било не замисливо. Соседите на Македонија од тогаш стрвно и без исав ја преземаат македонската територија, историја, знаменисти личности, па сега прозлегува дека најстарата држава во Европа, првтата европска-светска империја никогаш не постоела. Односно и кога некогаш ја имало на мапата, таа имала „грчки, бугарски, албански или српски карактер“. Можеби никогаш како денес вреди да се потсетиме на настаните пред, за време и по Букурешкиот мировен договор, односно крајот на Втората балканска војна.
Бескрајни напади на Македонија
„Од Берлинскиот конгрес до Првата светска војна македонското прашање претставувало најтежок, најкомплициран и најдолготраен проблем со кој се соочувале Османлиската империја и големите сили. Всушност, настанал тогаш кога големите сили настојувале да ги остварат своите интереси на Балканот, а соседните земји да завладеат со Македонија.
Ова прашање добивало во актуелност со геостратешката положба на македонската територија и со етничкиот состав на населението“. Ова е анализа на можеби најголемиот познавач на воената историја на Македонија, покојниот професор Ванче Стојчев. Неговата долгогодишна работа на Букурешкиот мировен договор се уште не е објавена (се очекува книгата да ја издаде неговиот син Александар, оваа година), но досегашните неговите истражувања се доволни за нашиот осврт. И тогаш како и сега, за Македонија се зборува по белосветските дипломатски кулоари – и тогаш како и сега, нападите врз македонскиот народ се безочни, примитивни, безмалку антицивилизациски. Неверојатно како во истражувања на Стојчев, можеме да ја препознаеме денешницата:
„Македонија за соседните земји била значајна затоа што со нејзиното завладување, било која од нив, се здобивала со предност која овозможувала доминација на Балканот.
На геостратешката положба на Македонија значајно влијаел и етничкиот состав на населението, во услови на непризнавање на македонската нација населението се изјаснувало според влијанието на соседните пропаганди. Непосредно пред Балканските војни, во рамките на етничките граници на Македонија, на површина од 67.741,2 км2 живееле 2.360.000 жители, од кои 52,4 проценти христијани, односно Македонци, 22 проценти Турци, 10 проценти Власи, 3 проценти Евреи и 2,4 проценти Роми. Илинденското востание од 1903 година претставуваше врв на прогресот на националниот дух на македонскиот народ и највисока точка до која се воздигна неговата свест за своја национална посебност. Задушувањето на востанието, палежите, колежите и максималната бесчувствителност на завојувачите, како и недостатокот на поддршка и помош од соседните земји и од големите сили, биле причина македонскиот народ жестоко да се замолчи и да ја изгуби надежта дека било кога ќе се ослободи“, пишува Стојчев.
Дали смееме, денес да западнеме во ваков очај и агонија? Ако размислиме, Македонците тогаш биле во неспоредливо полоша ситуација од ние денес, згора на тоа немале своја држава, а преку 90 отсто од населението било неписмено. Но, можеби најголема лекција се последиците од очајот. Завршил токму со темата на нашиот осврт – Букурешкиот договор и етничко, културно и историско истребување на Македонците. Тогаш, во тие мрачни времиња, нашите предци ги заборавиле и зборовите на Гоце Делчев, дека за интересите на Македонија се залагаат само и само Македонците.
„Тоа претставувало уште поголема загуба од поразот на бојното поле. Македонскиот народ го изгубил верувањето и во неговите политички организации, во предводниците кои пред Балканските војни биле во постојани расправии и жестоки судири, па му спласнале и желбите и силите да се брани од туѓите пропаганди.
Почнал да верува дека може да се ослободи само со помош од Бугарија, Србија и од Грција, и тоа во заедничка војна“, продолжува Стојчев.
Споредбата на овие редови на професорот со настаните од овие денови, во овој текст е сосема намерна. И крајно вознемирувачка.
Распадот на Османлиската империја и на СФРЈ
„Пред Балканските војни Османлиската империја била во тешка економска и политичка криза. Задолжувајќи се со големи кредити во западните земји настојувала да ја избегне економската криза, но политичката сè повеќе се зголемувала. Од друга страна, соседните балкански земји ја притискале и сè почесто ги истакнувале територијалните аспирации и завојувачки стремежи кон европска Турција. Најголем дел од државниот заем таа го употребила за модернизација и за засилување на вооружените сили. Севкупната состојба, раздвиженоста на силите на балканските земји и внатрешните настани во Македонија, неминовно воделе кон балканска војна. Империјата пристапила кон утврдување на стратегиски важните места на Балканот, за евентуална војна со балканските држави, кои увидувале дека само заедно можат успешно да й се спротивстават на османлиската војска. Почнало договорањето меѓу балканските земји, а во тие рамки особено значајно било помирувањето меѓу Бугарската егзархија и Грчката патријаршија и донесувањето на Законот за спорните цркви, манастири и училишта во јули 1910 година.“
И овде неверојатни се сличностите со периодот по распадот на Југославија. И таа држава прекумрено трошеше на оружје. ЈНА беше четврта најсилна армија во Европа. Нејзиниот распад значеше тоа оружје да биде употребено против оние од 45 години го плаќаа – народите во Југославија. Македонија овде беше паметна. Ако ништо друго избегна војна на своја територија, иако 4000 наши војници учествуваа во војните. И се така до 2001.
„Создавањето на Балканскиот сојуз меѓу Србија, Црна Гора, Бугарија и Грција, го поддржала Русија, со цел да го спречи навлегувањето на Австро-Унгарија и на Германија кон Балканот. Несогласувањата околу поделбата на Македонија ги комплицирале преговорите меѓу Србија и Бугарија. Под силен притисок на Русија тие биле принудени на разни отстапувања. За да почнат преговорите услов било Бугарија да се откаже од прелиминарниот Санстефански договор и на Србија да и го признае правото на дел од Македонија. Потпишувањето на Спогодбата, според бугарската Влада, било забрзано затоа што сметала дека Младотурците ќе го истребат “бугарското” население во Тракија и во Македонија. Српската Влада, пак, сметала дека најдобар начин за да се зачуваат интересите на балканските народи е создавањето сојуз меѓу балканските држави.
Грчката Влада не очекувала решение на македонското прашање од големите сили, но со поддршката која ја имала, особено од Англија, сметала да го оствари своето територи- јално проширување на територијата на Македонија. Поради тоа, била и солидарна со другите балкански држави. На 13 март 1912 година бил потпишан Договор за пријателство и сојуз меѓу Србија и Бугарија, кој требало да трае до 1920 година, а во него имало и таен додаток и воена конвенција. Меѓу другото, Договорот предвидувал и ако некоја од големите сили се обиде да анектира, окупира или со воена сила да заземе било кој дел од балканската територија под османлиска власт и доколку тоа е спротивно на нивните заеднички интереси, двете страни се обврзувале да си помагаат една на друга“.
Овде ни навираат сеќавањата на обидите на сегашниот грчки премиер Антонис Самарас во раните 90-ти да договори нова поделба на Македонија со Слободан Милошевиќ, за што беше исклучен од грчката Нова Демократија. Тогаш и Бугарија доби покана за некаква си нова конференција за Македонија што источниот сосед го одби.
„Фразата за автономија на Македонија, внесена на барање на Иван Гешов (бугарскиот премиер), всушност била внесена заради измама на македонскиот народ, особено на македонската емиграција во Бугарија. Откажувањето на Бугарија од прелиминарниот Санстефански договор и одлуката на Македонија да и се даде автономија по протерувањето на османлиската војска од Балканот биле главни причини македонскиот народ да се вклучи во Балканските војни, без оглед на тоа под чија команда ќе се бори. Токму овие две одлуки биле пресудни српската и бугарската пропаганда да извршат определено влијание врз македонското население. Всушност, ниту српската ниту бугарската влада не помислувале на македонскиот народ (чија националност не ја признавале), да му дадат автономија, туку била предвидена поделба на Македонија, без оглед на етничкиот состав на населението, неразмислувајќи за последиците кои ќе настанат по тоа. Македонската територија која ја нарекле спорна, ја поделиле по долги и жестоки преговори.
Во член 2 од тајниот додаток прецизно била повлечена границата од едниот до другиот крај на спорната територија, односно од Големиот Врв кај Крива Паланка до манастирот “Губавец” (“Св. Еразмо”) на Охридското Езеро. Тоа значи дека Србија и Бугарија ја поделиле Македонија и пред да почне Балканската војна. По потпишувањето на Спогодбата за поделба на Македонија, прва задача на Бугарија и на Србија им било да ја отстранат македонската револуционерна организација од македонскиот народ, за да можат полесно да го манипулираат.
Овој Договор во целост имал антимакедонски, антитурски, антиавстроунгарски и антиромански насоки, односно по сè бил антидемократски“, сметаше професорот Стојчев.
Поделба на предвечерјето на Европската криза
„Воената конвенција имала офанзивен карактер во однос на Турција. Врз нејзина основа била потпишана Спогодбата за воените планови, правците на дејствување и операциите против Империјата. Кралот Фердинанд се спротивставувал да го потпише член 2 од Договорот, односно член 3 од воената конвенција, кои биле насочени против Австро-Унгарија, но под притисок на руската Влада и на Кабинетот на Гешов, сепак го потпишал Договорот. Два месеца по неговото потпишување, при посетите на Берлин и на Виена, Фердинанд ја застапувал тезата дека Бугарија не може да се откаже од своите претензии за обединување со Македонија и со Тракија, но дека во последен момент, откако ќе биде создадена Голема Бугарија, ќе се пресмета со Србија и ќе му пристапи на Тројниот сојуз”.
Иако во време на Илинденското востание македонскиот народ јасно на виделина ги изнел засебните македонски национални и државни интереси и прв ја почнал борбата за конечно протерување на османлиската власт од Балканот, за време на преговорите за создавање Балкански сојуз ниту една балканска држава не го спомнувала македонскиот народ, ниту правото на потчинетите и обесправените народи во Османлиската империја.
Македонија била една од основните причини за создавање Балкански сојуз, односно за нејзино ослободување од петвековното османлиско владеење и за нејзина поделба меѓу сојузничките држави. Меѓутоа, поделбата на Македонија била основна причина за распаѓањето на Балканскиот сојуз. Со оглед на сопствените интереси кон Балканот, големите сили развиле широка дипломатска активност. Русија настојувала да го зачува Балканскиот сојуз како пречка на австро-германското навлегување на Балканот, а Австро-Унгарија тежнеела да се растури Сојузот и ја поддржувала Бугарија да не попушта во однос на воспоставената поделба на македонската територија. За да го спречи избувнувањето на нова меѓусојузничка војна, Русија ги повикала сојузниците да го решат спорот по мирен пат и ги предупредила Србија и Бугарија на руската арбитража предвидена со Српско-бугарскиот договор. Бидејќи Србија и Бугарија не отстапувале од своите барања, Русија се откажала од натамошна арбитража. Со тоа го забрзала почетокот на Втората балканска војна, новото распарчување на Македонија и воспоставување нови граници по пат на сила. Борбата за македонската територија се водела со сите сили и средства и во сите области. По повлекувањето на османлиските сили, српската, грчката и бугарската војска ја распуштиле во меѓувреме воспоставената месна власт и вовеле свои органи. Тие го принудиле македонското население да се прикажува како да е од иста националност со органите кои ја воспоставиле власта и да испраќа писма, анкети и апели дека наводно сака нивниот град и околија да бидат соединети кон соодветната држава.
На 30 јули 1913 година почнала Мировната конференција во Букурешт, во присуство на претставници на шест големи сили: Франција, Германија, Англија, Австро-Унгарија, Русија и САД. Делегациите на балканските земји ги предводеле претседателите на владите, освен бугарската. Сепак, на 31 јули 1913 година биле прекинати воените дејства и било потпишано прелиминарно примирје.
Букурешката конференција го усвоила текстот на Договорот за мир, во кој била извршена конечна поделба на териториите кои дотогаш биле под османлиска власт (Македонија, Косово и Метохија, Васојевиќи, Санџак, Тракија и Северен Епир). Србија ги добила Вардарскиот дел на Македонија, Косово, дел од Метохија и од Санџак, со што била зголемена за 39.000 км2 и за 1.290.000 жители. Црна Гора ја добила територијата Васојевиќи, дел од Метохија и од Санџак, зголемена за 7.000 км2 и за околу 260.000 жители. Грција ги добила Северен Епир, Егејскиот дел на Македонија, дел од Западна Тракија, полуостровот Халкидики со Солун и бројни острови во Егејското Море, зголемена за 51.300 км2 и за 1.624.000 жители. Бугарија го добила Пиринскиот дел на Македонија, Струмица со околијата и дел од Западна и Источна Тракија, зголемена за 21.000 км2 и за околу 600.000 жители.“ Ова е само еден дел од истражувањата на Стојчев, која најверојатно ќе бидат опфатени во книгата.
Ние само ќе потсетиме римската поговорка „Историјата ес магистра“ (Историјата е учителка). Дали сме ја научиле оваа лекција?
Мистериозниот анекс на договорот
Иако многумина мислат дека постои таен анекс на Букурешкиот договор според кој ако во наредните 99 години се фомира македонска држава, другите држави кои поседуваат македонска земја, се должни да и ги вратат териториите на Македонија. За ова известувале неколку медиуми тогаш во Европа, но, тој анкес, до денес не е најден.
Пишува: Александар Божиновски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.